Креиравме нешто ново за сите корисници

Во изминатиот период работевме на проект наменет за сите наши корисници, каде што првичната цел беше да го олесниме пристапот до нашиот систем, како и користењето на нашите услуги.

Се соочивме со голем предизвик да создадеме нешто ново што е во тек со најсовремените технологии. Денес со задоволство можеме да ви го претставиме новиот веб сајт на МКхост.

Нашиот нов сајт уште појасно ја отсликува визијата на МКхост да биде „Дом за твојот веб сајт“, а на истиот уште полесно и побрзо ќе можеш да ги пронајдеш и нарачаш твоите потребни услуги за онлајн присуство.

Освен новиот сајт, издвоивме посебно место за сите наши клиенти наречен Кориснички портал. На истиот, корисниците ќе имаат увид во својата сметка, како и полесно ќе можат да управуваат со сите услуги.

 

Со креирање на профил, ќе имаш пристап до:

  • Tвоите продукти и услуги
  • Ќе бидеш во тек со обновата на твоите домени, хостинг просторот како и сите твои останати нарачки
  • Ќе имаш брз преглед на твојот кориснички портал
  • Ќе можеш лесно да нарачаш, обновиш и откажеш продукти или услуги
  • Ќе бидеш известен за секоја промена во врска со нарачаните продукти или услуги
  • Брзо и лесно ќе можеш да подесиш емаил адреса
  • Менаџирање DNS на домени и нивна редирекција

Особено внимание обрнавме на нашиот нов сајт и кориснички портал да имаат лесен пристап, да бидат лесни за снаоѓање и да може секој да ги користи.

Секогаш ставајќи акцент на задоволството на клиентите, се надеваме дека со оваа нова услуга ќе го олесниме менаџирањето на корисничките профили преку кои поедноставно ќе комуницираат со нас за секакви побарувања.

Ние остануваме тука за сите наши корисници, 24/7/365.

Посети го нашиот нов сајт!

Што е важно за интернет маркетингот во 2019-та?

Интернет маркетингот продолжува да се менува секоја година. Неговиот раст станува сѐ поголем, трендовите се менуваат брзо… Се чини дека постојано се случува и појавува нешто ново во ова поле.

Но што е она на што треба да се фокусираш во претстојната 2019-та? Ова е нашиот топ 5 избор за годинава.

Твојот веб сајт е важно место

Често се поставува прашањето дали за еден бизнис е важно поседувањето на сопствен веб сајт во ерата на социјални мрежи. Одговорот е секогаш „да“, од причина што контролирањето на својот сопствен простор е поважно од било кога.

Секако дека социјалните мрежи помагаат во распространувањето на твојот бизнис, како и содржините што се пласирани преку твојот сајт. Меѓутоа, мора да се внимава на алгоритмите кои постојано се менуваат од страна на социјалните мрежи, и кои може драстично да влијаат на досегот до публиката.

Презентацијата на твојот продукт токму како што ти го замислуваш е исто така една од поволностите кога имаш сопствен веб сајт, без никакви ограничувања.

Транзиција во демографиите на социјалните мрежи

Она на што особено мора да се внимава во наредниот период е да се следи трендот на користење на социјалните мрежи од страна на корисниците.

Facebook е сѐ уште на врвот со повеќе од 2,2 милијарди корисници, меѓутоа факт е дека возраста на еден просечен корисник на Facebook станува сѐ поголема. Во САД, 41% од корисниците на Facebook имаат над 65 години!

За среќа на Facebook, оваа компанија го поседува и Instagram, кој минатата година веќе надмина 1 милијарда корисници. Она што е важно е дека од тие корисници 31% се помеѓу 18 и 24 години, а 30% помеѓу 25 и 34 години.

Оваа демографија секогаш била најпосакувана помеѓу огласувачите, бидејќи истата е најкомпетитивна за привлекување на публика за производи и брендови кои се на почетокот на своето постоење. Затоа, подемот и атрактивноста на Instagram не смее да се игнорираат.

Вештачката интелигенција и онлајн бизнисите

Со проценките дека над 2,5 милијарда корисници на интернет имаат профил на некоја од социјалните мрежи, користењето на artificial intelligence (AI) во овој сегмент станува од круцијално значење за растот на бизнисите онлајн.

Преку вештачката интелигенција, користењето на базите на податоци и нивното разбирање е уште полесно, а истото тоа може да се искористи за предвидување на однесувањето на корисниците. Во моментов, едни од најпознатите примери се Lookalike Audiences за Facebook реклами, како и Similar Audiences на Google Ads.

Употребата на AI како во изминативе, така и во наредните години ќе ја усовршува ideal buying persona за твоите онлајн потреби. Проценките се дека до 2035-тата година вештачката интелигенција ќе ја зголеми онлајн продажбата за цели 38%.

Содржина која „исчезнува“

Експеримент направен во 1957-ма година во кино во Њу Џерси, се смета за еден од пионерите во полето на сублиминалниот маркетинг и т.н. product placement. На публика од 45.699 посетители во киното, во определен момент од гледање на филмските проекции им се пуштани флеш реклами од 0.03 секунди на кои било испишано „Земи пуканки“ и „Пиј Coca-Cola“.

Психологот кој го има спроведено експериментот тврди дека отпосле во истото кино, продажбата на пуканки се има зголемено за 57,5%, а на Coca-Cola за 18,1%.

Се чини дека популарните т.н. stories кои се достапни на најголемите социјални мрежи (најпопуларни се Facebook, Instagram и Snapchat) се идеални за пласирање на кратки пораки кои ќе останат во меморијата на публиката која веќе е заинтересирана за твојот производ.

Една од најголемите причини за популарноста на овие т.н. stories е и „стравот од пропуштање“ (fear of missing out) поради нивното брзо исчезнување. Се очекува дека ваквиот канал на комуникација ќе продолжи да биде уште поинфулентен во 2019-та.

Градење доверба

Еден од најважните моменти на кој секој што поседува онлајн бизнис треба да внимава, посебно во периодот кој претстои, е градењето на долготрајна релација и доверба со своите клиенти.

Последните контроверзии кои излегоа од начинот на користење на податоците на интернет, а потоа и имплементацијата на GDPR во текот на 2018-та година, се чини дека ја подигнаа свесноста кај обичниот интернет корисник на повисоко ниво.

Тоа значи дека  твојот онлајн бизнис треба да биде настроен кон поголема транспарентност и да биде повеќе персонализирано насочен кон твоите корисници.

Дигиталниот свет во 2018-та низ бројки [ИНФОГРАФИК]

Без разлика дали си само интернет корисник, дали имаш онлајн бизнис или пак само веб сајт, важно е да знаеш што се случува во дигиталниот свет и кои се моменталните трендови. Бројот на интернет корисници секоја година се зголемува и расте за 7% на годишно ниво. Моментално, половина од светската популација е онлајн.

Погледни ги следните факти што ги издвоивме за изминатата 2018-та.

 

МКхост има важни вести!

Имаме важни вести, и тоа не само една, туку неколку! Во изминатиот период работевме на неколку нови проекти кои ти ги претставуваме денес. Погледни што е најново од МКхост за оваа есен.

1. Дом за твојот веб сајт

Оваа есен ја стартуваме со нова кампања со која и официјално го претставуваме новиот слоган на најголемиот македонски хостинг провајдер и регистрар на домени. „Дом за твојот веб сајт“ е проект кој има за цел поимот „веб сајт“ да го доближи до секој граѓанин.

Често се прашуваш како еден веб сајт може да биде поставен и да функционира на интернет просторот? Прочитај ја нашата кратка интерактивна приказна за тоа како еден веб сајт има многу слични карактеристики со еден секојдневен дом!

Прочитај повеќе >>

2. Нов хостинг пакет во нашата фамилија – Regular

Посакај му добредојде на најновиот член во нашата фамилија – веб хостинг пакетот Regular, кој го замени досегашниот Business пакет.

Наменет за сите оние кои имаат потреба од хостирање на сајтови со поголем простор и сообраќај, овој пакет за да го прослави својот старт го нудиме со зголемен трансфер од 500 GB и специјална намалена цена на 3.500 денари годишно!

Прочитај повеќе >>

3. Воведуваме Business хостинг пакети!

Поседуваш бизнис кој постојано е во фаза на раст и развој?

Поголеми технички перформанси, приоритетна премиум поддршка и поголем простор за маилови се само дел од онлајн потребите на секој растечки бизнис.

Погледни ги новите Business хостинг пакети на МКхост со кои стануваме сигурен партнер за онлајн презентирањето на твојот бизнис и компанија!

Прочитај повеќе >>

***

НАСКОРО!

4. Cloud Hosting

МКхост секогаш настојува да биде во чекор со светските трендови и да одговори на барањата на своите корисници. Покрај понудата на shared хостинг пакети, наскоро воведуваме и нови cloud хостинг пакети!

Со новата понуда на managed и unmanaged cloud пакети ќе можеш брзо и лесно да активираш свој cloud сервер по твоја мерка.

5. Регистрација на нови домен наставки

Колку и Интернетот да се чини неограничен, добрите домен имиња на најголемите наставки стануваат сè повеќе зафатени. Тоа ја отвора потребата од алтернативни решенија.

МКхост наскоро ќе овозможи регистрација на најновите трендинг домен наставки за кои побарувачката на светско ниво е во постојан раст.

 

Еден работен ден заедно со Билјана Шијаковска, CEO на МКхост

„Да се прифати улогата на CEO на една растечка IT компанија беше голема чест и привилегија, но и голем чекор кој носеше многу повеќе одговорности, а со тоа и доза страв за мене“.

Билјана Шијаковска е извршен директор на најголемата хостинг компанија и регистрар на домени во Македонија веќе цели 2 години. За овој временски период, направен е голем прогрес и се воведени повеќе нови проекти и услуги за корисниците, со една цел – МКхост да го доближи поимот „веб сајт“ до секој поединец.

Предизвик за квалитетна работа

Сепак, за да се прифати една ваква сериозна функција, секако дека за Билјана било потребно да има и подршка од окружувањето, како и желба и детерминираност за квалитет во извршувањето на работата.

„Предизвик беше да се преземе менаџирањето на една веќе растечка компанија со млад и желен кадар за развој, да се зачува моменталниот развој, но и да се поттикне уште поголем раст, а да останеме и да го надградиме она по што секогаш сме биле познати – задоволни корисници и професионална поддршка.

Од една страна секако дека имаше еден позитивен страв за понатаму, но од друга страна стоеја сите желби за напредок на компанијата, сите планови и замисли за нови услуги и чекори напред за напредок, сите идеи, желба и труд за вработените.

Со целата поддршка како и од семејството, а така и од целокупниот тим на МКхост, приказната само може позитивно да продолжува, а стравот беше заменет со упорност, детерминираност, професионалност и мотивираност.“

Однапред дефинирани планови и проекти

За Билјана тимот претставува клучниот фактор зошто МКхост бележи сѐ поголеми успеси во изминатиот период.

Со квалитетната тимска работа фокусот е кон дефинирање на задачи и планови на подолг временски период, а потоа со секој тим засебно се доделуваат приоритети на проектите.

„Сите нови услуги или промоции се дефинираат однапред со добро определен план, пред да се започне со нивна работа. За успешно завршен проект потребно е труд, квалитетно вложено време, консултации и тимска работа.

Често на еден проект не работи само еден тим, туку повеќе вработени од различни тимови, со цел да се изработи успешен проект, и се разбира да се задоволат потребите на нашите клиенти.“

Поглед на работата од дневно ниво

За да може да се види големата слика на работењето на една компанија, потребно е да се обрнува особено внимание и на ситните детали.

Така и за Билјана, секој работен ден почнува со преглед на најосновната функционалност, која е истовремено и најкруцијален дел за функционирањето на една хостинг компанија – проверката на сервери.

„Најпрво проверка и мониторинг на функционалноста на серверите, а потоа денот продолжува со кафе и пријателски разговор со вработените околу плановите и задачите за тој работен ден.

После добро кафе и добро дефиниран план, уште рано наутро работите полесно течат во текот на денот.“

Секој работен ден си носи и соодветни предизвици на дневно ниво, почнувајќи од извршување на сите зададени задачи, а во исто време и зачувување на добрата работна атмосфера во тимот. Тоа за Билјана претставува и главна цел која ја има зацртано како менаџер.

„Истовремено, еден од најважните предизвици е да се зачува трпеливоста и присебноста во моменти на серверски проблем и добро спроведување на процедурата, со цел брзо покренување и враќање во употреба на услугите, но со добар план и тимска работа предизвиците се полесни.“

Значењето на тимот на МКхост

Како што веќе нагласи Билјана, тимот е клучен фактор кој ги овозможува сите придвижувања на компанијата во нагорна линија.

„Пријателската атмосфера е круцијална за добра тимска работа. Се дружиме меѓусебно и разменуваме идеи, а често знаеме да организираме различни тим билдинг настани, како во канцеларија после работа, така и во некои од локалите во нашиот град. Често правиме и различни кратки екскурзии низ земјава.

Уживаме во заедничките разговори, разменуваме идеи и подобро се запознаваме меѓусебе, притоа градејќи одличен однос кој допринесува за квалитетна заедничка работа.

Секој персонален и професионален успех на секој од нас поединечно, а тоа доведува до професионален успех и на целата компанија.“

Во моментов интензивно се работи на зголемување на бројот на вработени во сите делови од МКхост.

„Токму сега имаме отворени позции за Систем Администратор, и би сакала да ја искористам оваа прилика за да ги повикам сите заинтересирани да се пријават и да станат дел од нашиот тим“.

Визија за во иднина

Но, МКхост не застанува тука. Има уште многу простор за нови проекти, како и нови предизвици за работа, а Билјана не го крие задоволството од претстојните новости кои во блиска иднина ќе ги промовира компанијата во јавноста.

„Работиме на зголемување на портфолиото на услуги кои МКхост ги нуди, како и на уште неколку новости кои стартуваат веќе од оваа есен.

Ни следуваат уште неколку интересни проекти до крајот на годината, поврзани со внатрешни промени на системите за работа, но и многу интересни понуди и промоции за нашите корисници.

Имаме обврска кон нашите корисници никогаш да не стоиме во место, туку секогаш да се потрудиме да понудиме нешто ново на пазарот и да помогнеме на секоја компанија или индивидуалец да стане дел од интернет просторот и да се претстави на светот во најдобро светло.“

 

 

 

Како да направам онлајн содржина која ќе ја зголеми продажбата?

Правење на квалитетна и креативна содржина за landing page е вистински предизвик, а изработка на landing page кој ќе успее да конвертира е најпосакуваната цел на секој кој поседува сопствен онлајн бизнис.

Тогаш, како може да се дојде до содржина која може да конвертира и да донесе повеќе продажба?

Познавање на сопствените цели

Секогаш е потребно познавање на сопствениот продукт, публиката до која треба да допре тој продукт, а исто така и која е демографијата која треба да реагира и да конвертира.

Според тие спецификации, еден landing page треба да биде формиран соодветно со специфични бои и форми кои го дефинираат брендингот на твојот онлајн бизнис, речник соодветен на таргет публиката, како и прилагодлив дизајн кој ќе одговара на современите начини на конзумирање на интернетот.

Кој е конкретниот бенефит?

Landing page како поим има една основна задача, а тоа е да се фокусира на еден конкретен бенефит кој е од значење за таргет публиката. Не е важно целото портфолио на продукти или услуги кои се нудат, туку токму определена работа која решава одреден проблем (на пример попуст на услуга).

Токму фокусот на бенефитите овозможува да се задржи вниманието на посетителот на сајтот, кој наместо да биде експониран на вариетет од информации кои ќе му го одземат вниманието, ќе биде воведен кон точно определена информација која што може да го реши токму неговиот проблем.

Оттука, можностите за конвертирање се уште поголеми.

Употреба на бројките

Она што не може да се објасни со зборови, е уште подобро да се потенцира со определена бројка.

Психолошки факт е дека луѓето добро реагираат на конкретни вредности со бројки и статистики – колку клиенти има твојот бизнис, колку твојата услуга што се рекламира на конкретниот landing page се продала во последниот месец…

Освен што бројките ги скратуваат долгите реченици и објаснувања, визуелно се привлечни, и ја зголемуваат стапката на конверзии.

Call to action (CTA)

Доаѓаме до финалето на она што треба да претставува врвот на еден квалитетен landing page, а тоа е „повикот за акција“ кон посетителот.

Освен што CTA треба да биде истакнат во посебен визуелен дел (копче) и да биде на ударно место на твојот landing page, препорачливо е да биде што пократок и повлијателен (на пример – Купи веднаш).

Колку и еден посетител да не ги види останатите делови што се понудени на конкретниот landing page, визуелно веднаш ќе го забележи CTA, а за да биде привлечен од истиот, секако дека првиот впечаток е најважен.

 

 

 

 

Како изборот на веб хостинг влијае на SEO на еден сајт?

Влијание на хостинг врз SEO

Правилната SEO оптимизација е еден од клучните фактори дали твојот сајт ќе допре до поширока публика, и претставува еден од главните канали преку кои може да се стигне до повеќе конверзии.

Изборот на веб хостинг дефинитивно влијае врз тоа дали сајтот ќе има квалитетен SEO, како и добро рангирање кај пребарувачите како Google. Се прашуваш како? Еве неколку причини:

МКхост гарантира 99,9% достапност на сајтотГарантирање на uptime

Секогаш е можно да се случи технички проблем кој ќе влијае на работењето на сајтот и неговото онлајн функционирање. Меѓутоа, гарантирањето на што поголема онлајн достапност (uptime) е една од главните карактеристики на еден квалитетен хостинг провајдер. МКхост нуди гаранција на достапност од 99,9%.

Она што е многу важно е хостинг серверот да издржи голем број на посети, кон што секако би требало да цели еден сајт. Спротивно на тоа, доколку сајтот има лош uptime, тоа значи и зголемен одлив на посетители, што негативно ќе влијае на bounce rate и CTR, а тоа ќе има свој негативен одзив и на SEO рангирањето.

Влијанието на SSL сертификатите

Веќе пишувавме за новината на Google, кој најави дека поседувањето на SSL сертификати и https:// протоколот во наредниот период ќе им овозможи поголема предност во ранкингот на сајтовите, во однос на оние кои немаат SSL сертификат и кои поседуваат само http.

Од јули 2018-та, најголемиот светски интернет прелистувач Google Chrome автоматски ќе ги маркира сите веб сајтови со http протокол како ‘not secure’ веднаш до URL-то, што постепено ќе почне да влијае и на самиот SEO ранкинг на сајтот.

Брзина на сајтот

Брзина на веб сајтСпоред одредени истражувања, доколку сајтот доцни при отворање само една секунда, кај посетителите влијае во намалување на 7% од потенцијалните конверзии. Со две секунди доцнење, веќе се одвлекуваат речиси сите потенцијални купувачи преку твојот сајт.

Брзината е една од клучните фактори за да се одржи поголемо просечно време на читаност, поголем број на page views, помал bounce rate, и секако, поголемо задоволство кај посетителите.

Изборот на квалитетен веб хостинг ќе овозможи и гаранција за брзо отворање на твојот веб сајт, како и привлекување на поголем број посети и конверзии.

Висок bounce rate

Како што веќе кажавме, бавното отворање на веб сајтот е еден од главните причини поради која посетителите си заминуваат од сајтот, а тоа влијае на SEO ранкингот. Тука многу влијаат перформансите поврзани со серверот и веб хостингот, и со оптимизирањето на сајтот.

Други детали кои може да се исправат околу самиот bounce rate се и исправање на сите погрешни линкови кои се наоѓаат низ сајтот, како и подобрување на страници од типот на „404 Page not found“ се исто така добри тактики, како и умерено поставување на pop-up прозорчиња, за кои 68% од посетителите се изјасниле дека ги нервираат.

За да се контролира bounce rate на еден сајт, потребно е постојано да се следат перформансите на сајтот преку Google Analytics.

6 причини зошто мора да имаш SSL сертификат на својот веб сајт

Безбедноста на податоците на интернет стана голема тема која иницираше многу дискусии во последниве неколку месеци. Во наредниот период, ова прашање ќе поттикнува сè поголема свесност помеѓу интернет корисниците.

Како SSL сертификатите помагаат во сигурноста и доверливоста кога посетителите пребаруваат на твојот сајт?

Подобрување на приказот на веб сајтот

Од јули 2018-та, најголемиот светски интернет прелистувач Google Chrome автоматски ќе ги маркира сите веб сајтови со http протокол како ‘not secure’ веднаш до URL-то. Според податоците со кои располага тимот на Chrome, 81 од 100 сајтови имаат SSL сертификат, а оттука и https протокол, што е одличен тренд.

Откако Google со години се убедуваше да ја промени свеста на сопствениците на веб сајтови, ова е најголемото предупредување до сега кое треба да го забрза процесот на помасовно воведување на SSL сертификати.

Подобрување на Google ранкинг

Иако долго време се мислеше дека https не прави многу разлика при оптимизација на пребарувачите (SEO), сепак аналитичарите покажале дека во просек сајтовите со https најчесто се рангирани над оние со http.

Google неодамна најави дека токму овој протокол во наредниот период ќе им овозможи поголема предност на сајтовите, во однос на оние кои немаат SSL сертификат и кои поседуваат само http.

Енкриптирани сензитивни информации

Било која информација што е споделена на веб сајт е целосно јавна и транспарентна, доколку не постои инсталиран SSL на веб сајтот. Во таа категорија спаѓаат – податоци за најава, лозинки, кредитни картички, како и останати податоци кои се споделуваат.

Енкриптирани податоци се сметаат за неопходност во денешниот интернет свет, а SSL сертификатите го нудат токму тоа.

Автентикација

Заедно со потребната енкрипција, за целосна сигурност потребна е и автентикација. Споделената информација „патува“ по различни уреди се додека не пристигне до дестинацискиот сервер.

За да се спречи „крадење“ на информациите и пристигнување до сензитивни информации на погрешно место, се користи токму SSL. За време на инсталацијата се поминува низ повеќе чекори, вклучувајќи клучеви, валидации и слично, преку која се осигурува ваквиот тип на автентикација, како и пристигнување на податоците на вистинското место.

Доверливост

Доверливост и сигурност се едни од клучните фактори за успешен и стабилен бизнис. Токму со поставувањето на SSL сертификат се постигнува бараната безбедност, а клиентот има гаранција дека е на сигурно место.

На тој начин, познатиот зелен катанец, како и https екстензијата се доказ дека на сајтот е инсталиран SSL сертификат и дека клиентот е на сигурно место, со што би се спречиле дури и т.н. psyshing или man-in-the-middle attacks.

Интернет плаќање

Инсталација на SSL сертификат со дедицирана IP адреса е задолжителна доколку сакаш твојот веб сајт да претставува онлајн продавница, преку која ќе може да се купува со помош на картички.

На тој начин безбедноста на внесените информации од картичката е на далеку повисоко ниво, што е потврдено и од самите банкарски институции.

 

Поседувањето на SSL сертификат наместо само тренд, веќе станува реална потреба која во иднина ќе претставува еден од клучните елементи при градење на долготрајна доверба со корисниците.

МКхост нуди повеќе видови на SSL сертификати кои одговараат на најразлични потреби за онлајн заштита. За нивните карактеристики и бенефити, повеќе може да се прочита на следниот линк.

Како изгледа еден работен ден во тимот на МКхост?

Како изгледа работен ден во една хостинг компанија веројатно претставува мистерија како за нејзините клиенти, така и за пошироката јавност. Еден поглед во нашите простории е доволен да се види кохезивната и синхронизирана атмосфера во работењето на тимот на МКхост.

Поминавме време заедно со нашите систем администраторки, девојките кои се грижат сајтовите на нашите корисници постојано да бидат достапни онлајн. Да ги запознаеме Александра Чинговска и Катерина Трајковска, кои повеќе од една година се дел од нашиот тим. Како тие го поминуваат својот работен ден?

Предизвик е да се помага на корисниците

„Денот започнува со расонување, а за тоа тука се кафето и чајот“ вели Александра.

„Потоа продолжуваме со преглед на тикети, проверка на серверските статистики, а понатаму се насочуваме кон решавање на тековните проблеми, како и работа на проекти предвидени за тој ден“.

Катерина додава дека е предизвик и задоволство да се излегува во пресрет на сите потреби на корисниците:

„Најчесто барањата се поврзани со нивните маилови или серверски потреби на сајтовите. Остатокот од денот сме посветени на конфигурација на серверите, како и нивно постојано одржување, со цел да обезбедиме непречено работење на сите клиенти хостирани кај нас“.

Што кога ќе се случи посериозен проблем?

Секако, работење со обемен број на корисници, подразбира дека повремено може да се јават и некои посериозни предизвици и проблеми.

„Кога и да излезе нешто посериозно, гледаме брзо да се координираме и да ги поделиме обврските, со цел лесно лоцирање на проблемот, како и негово брзо надминување“, споделува Катерина, додавајќи дека проблемите до сега лесно се надминувале со добра организација.

Александра дополнува дека помошта од останатите тимови е секогаш добредојдена.

„Целиме кон наоѓање решение во заемна комуникација и во координација со другите тимови, додека истовремено ги опслужуваме клиентите кои се афектирани од проблемот“.

Другата страна на работата

Меѓутоа, 8-те часа во еден работен ден во МКхост не се фокусирани само на „седење пред компјутер“.  Сите тимови постојано се дружат и комуницираат помеѓу себе.

„Имаме пријателска и комуникативна атмосфера и опуштен амбиент. Секогаш се добредојдени идеи за тоа што да слушаме денес во канцеларија и што да јадеме“, се смее Александра.

Катерина се согласува со Александра, и додава дека ја сака опуштената атмосфера која владее во тимот.

Самата локација на компанијата во трговскиот центар Капитол мол во Аеродром овозможува достапност до голем избор на кафулиња и ресторани во кои се собира тимот за време на паузите, како и после работното време. Тука освен неформални разговори, секогаш се иницираат и нови и креативни идеи за развојот на МКхост.

МКхост е во потрага по зголемување на тимот 

Се поголемиот број на корисници кои се приклучуваат на најголемото хостинг семејство во Македонија, подразбира дека и во самата компанија се отвораат можности за зголемување на својот тим.

Во моментов, МКхост е во потрага по нов систем администратор. Дали мислиш дека ти си токму тој кој е идеален за да се приклучи на ова друштво, и да ги покаже своите знаења и вештини? Аплицирај веднаш!

Освен систем администратор, во овој момент се отворени и неколку други огласи, кои може постојано да се следат на нашата страница за Кариера.

Како да направам веб сајт со кој ќе имам одлична продажба?

Го направивте вашиот веб сајт преку кој сакате да нудите онлајн продажба. Што е следно? Како да ги привлечете првите клиенти, и како органски да ја зголемите продажбата со текот на времето?

Едноставно пронаоѓање

Првиот услов за да функционира успешно еден онлајн бизнис е неговото лесно и едноставно пронаоѓање во целокупниот интернет „хаос“. Еден од начините како да направите препознатлив интернет бренд е во избирање на соодветно домен име  кое ќе ја отсликува визијата за проектот кој го водите.

Одржување на квалитетна SEO оптимизација и онлајн маркетинг ќе направи вашите таргетирани потрошувачи да ве пронајдат вас, наместо вие да ги барате нив. Тоа на долг рок ќе ви донесе многу позитивни резултати и зголемување на конверзиите и продажбата органски и постепено.

Секако дека и изборот на квалитетен веб хостинг има голем удел во успешноста на еден веб сајт, особено на оние кои се занимаваат со e-commerce. Брз и оптимизиран веб сајт кој има постојана достапност е гаранција дека вашите посетители ќе останат подолго време на вашиот сајт, а оттука се зголемуваат и шансите тие да конвертираат во клиенти.

Процесот на нарачка

Ги донесовте потенцијалните клиенти на сајтот. Што е следно? Секако, да ги убедите да конвертираат, односно да купат преку вас. Основниот начин е посетителите да ги донесете на добро организиран сајт.

Слично како и купувањето во физичка продавница, така и онлајн продавниците бараат своевидна добра организираност. Почнувајќи од самиот дизајн кој треба да биде лесен и едноставен за користење, понатаму целиот процес на нарачка треба да биде гарант за потенцијалниот клиент да стекне сигурност во вашиот бренд.

Овозможете детални описи и слики за сите производи кои ги нудите, со што потенцијалите купувачи ќе бидат сигурни дека тоа што го нудите, тоа и ќе го добијат. Сертификати за сигурност и поголем избор во начините на плаќање се исто така задолжителни.

Дизајнот е од особено значење

Технологиите и трендовите кога станува збор за веб дизајнот постојано еволуираат.  Потребно е постојано да се биде чекор за тоа што го привлекува човековото внимание, доколку сакате да бидете достапни и да одговарате на современите потреби.

Постојат повеќе трикови како веб сајтот постојано да изгледа совршено, почнувајќи од респонзивен дизајн кој ќе биде едноставен за користење на сите уреди истовремено. Потоа, обрнете внимание на користењето на landing pages, тактиката на скелетен дизајн, како и многу останати функционалности кои ги нуди новата технологија.