Д како Домен

Информатичката сфера деновиве беше изненадена од потегот на Google, кој отвори нова холдинг компанија управувана од Сергеј Брин и Лари Пејџ, за да ги стави под една капа сите дејности со кои се занимаваа и досега, оставајќи им простор во иднина повеќе да се посветат на истражувачки проекти.

Alphabet Inc не само што направи инстантен позитивен тренд на берзата, успевајќи да ја зголеми вредноста на акциите на Google за 4 отсто, туку направи и нов тренд кога станува збор за името на доменот. Веб-сајт со име како abc.xyz на прв поглед звучи како многу генијална идеја. Како порепрезентативно на креативен начин да се прикаже компанија со име како Alphabet? Сепак, и тука се покажува непишаното правило дека добрите креативни дела доаѓаат во моменти на недостаток на стандардни решенија.

Главниот проблем зошто новата компанија го нема доменот alphabet.com е – тој е веќе зафатен. Ни помалку ни повеќе, туку од BMW, односно неговиот дел на услуги за фирми со возен парк, кој го користи името – Alphabet. Засега порачуваат дека немаат намера да го продаваат, истовремено правејќи пародија на азбуката на Google со порака – Alphabet е повеќе од име за нас. Сигурно на BMW не им ни смета овој бесплатен публицитет за услугата која до пред некој ден ретко кој во светски рамки знаеше дека воопшто постои. Од друга страна, дури и abc.com е зафатен од страна на американската телевизиска мрежа ABC.

Случајот како на Google/Alphabet истакнува еден многу интересен проблем – колку и Интернетот да се чини неограничен, добрите домен имиња на најголемите наставки стануваат сè повеќе зафатени. Тоа ја отвора потребата од алтернативни решенија.

1.034 top-level домен наставки се регистрирани заклучно со февруари 2015-та. Големата тројка ја сочинуваат .com, .net и .org, а особено популарни се и посебните генерички домени за секое географско подрачје (како .mk за Македонија). Сепак, во последниве години на значење добиваат креативни и симболични наставки. Дали знаевте дека државниот домен на Црна Гора, .me, поради своето интернационално значење е еден од главните извозни продукти на земјата? Над 800.000 домени и генерирани речиси 17 милиони евра профит го сместуваат .me како еден од Топ 10 домени во светски рамки. Трендот на симболични домен имиња не ја избегнува ни Македонија. Во исто време, во последните години се одобруваат и чудни наставки од типот на .sucks или .wtf.

Top Level Domains

.xyz е одобрен за комерцијална употреба и регистриран на 19-ти февруари 2015 од страна на компанијата .XYZ на Даниел Негари. Во интервју за Wired, тој се јавува со едно субјективно, но и логично мислење околу овој домен, а тоа е дека „како што и алфабетата завршува со буквите x, y и z, истото треба да е правило и за домен имињата“. xyz во просек секој ден регистрирала по околу 3.000 домени, а овој број се зголемил тројно по објавувањето на новата компанија на Google.

Што би значел целиов случај ‘abc.xyz’ за понатамошното развивање на веб домените? Една од пречките е тоа што веб пребарувачите се уште повеќе ги форсираат сајтовите со „традиционални“ домен наставки пред оние од новата генерација. Дури и кога ќе се впише ‘xyz’ на Google, првиот сајт кој се појавува е xyz.com. Но, „таткото“ на .XYZ смета дека „штом Google се впуштил во ваква авантура, тоа е голема потврда дека има иднина во него“.

Постоечките изградени Интернет брендови веројатно нема толку лесно да се откажат од своите „олд скул“ домени, но ќе биде интересно да се следи каква транзиција ќе се јави кај следните големи играчи на Интернет сцената, кои допрва ќе се појавуваат и ќе растат на светскиот пазар. Очигледно е дека со заострување на конкуренцијата, зголемувањето на можностите и борбата за секој корисник – желбата и стремежот да се биде што покреативен и забележлив, а во исто време и запамтлив кога станува збор за изборот на домен име, новата генерација на домен наставки ќе зазема сè поголем замав и удел во годините кои претстојат.