Серијал на претприемач и МКХост
Серијал на претприемач и МКХост

Ќе продолжиме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена во деловниот свет. Денес ќе продолжиме со домен име, елемент кој навистина претставува еден од најзначајните пред започнување со интернет презентација на Вашиот бизнис и можеби најконтроверзно во поглед на она што е исправно или подобро.

Домен името најчесто е изговарано кај нас како domain name, домен, домејн. Името на веб страната е претставено како домен име. Секоја веб страна има свој назив/име. Нашата веб страна е препознатлива со името: mkhost.com.mk. Така да секој што сака да не најде на интернет ќе ја внесе адресата во пребарувачот и ќе се прикаже веб страната. Многумина незнаат што всушност е домен име, а што веб хостинг, па за тие кои сеуште имаат дилеми може да проверат на следниот линк: разлика помеѓу веб хостинг и домен.

Вие како претприемач треба да го претставите вашиот бизнис и на интернет. Така да, доколку сеуште немате отворено интернет презентација сега е време за тоа. Со овој напис ќе ви помогнеме да се одлучите за домен името – како правилно да го изберете, да проверите дали е слободно и да започнете со презентацијата.

Регистрација на домен име е првиот чекор при стартување на вашата интернет презентација. Тоа го претставува идентитетот на вашиот бизнис на веб просторот, преку кој корисниците и веб пребарувачите ве препознаваат.

Избор на наставка (tld)

Доменот се состои од два дела, едниот е името, а вториот одделен со точка (.) е наставката позната како tld (top-level domain). Најдобро да дадеме пример: google.com , името е: google, а tld наставката е: com.

Постојат повеќе наставки распределени по одредена логика, а највеќе според географската локација (веб страна наменета на одреден регион, држава…) и врз основа на тоа за каква организација се работи (пр. училиште, владина институција, непрофитна организација, компанија, … ).

Генерални наставки

  • com – комерцијални организации, но не е стриктно
  • net – за мрежни инфраструктури, но не е стриктно
  • org – организации, но не е стриктно
  • info – информативни сајтови, исто така не е стриктно
  • biz – за бизнис сајтови
  • name – за персонална употреба на едно лице или фамилијарно
  • gov – за државни институции
  • mobi – за мобилни уреди
  • travel – за туризам, туристички агенции, хотели и сл.

Како што може да забележите до краткото објаснување на наставките за кои потреби највеќе се користат, стои и дека денес тоа не е стриктно. Може да регистрирате и .org домен иако сте профитна компанија, така да не постојат рестрикции за повеќето од домените, но како што велат самите наставки, пожелно е да ја одберете соодветната наставка.

Географски наставки

Овие наставки се одредени според имињата на државите во Светот. Еве неколку:

  • mk – Македонија
  • rs – Србија
  • de – Германија
  • bg – Бугарија
  • gr – Грција
  • al – Албанија
  • si – Словенија
  • uk – Велика Британија

Според некое правило кое што не е стриктно, една компанија од некоја држава треба да се претстави на интернет со нејзината наставка. Така на пример ако вашата компанија е регистрирана во Македонија, наставката за вашето домен име треба да биде со .mk . Сепак ова не е стриктно. Доколку некогаш би го ширеле бизнисот во друга држава, и сакате вашето бренд име да биде познатливо и таму, како и на интернет просторот тогаш пожелно е да го регистрирате вашето име и со наставката која одговара на државата каде го ширите бизнисот или едноставно отварате филијала.

Македонскиот регистрар на .mk наставката овозможува и регистрација на поддомени со оваа наставка како: com.mk , net.mk , org.mk , edu.mk , gov.mk , name.mk и покрај главната .mk наставка која е карактеристична за нашиот регион.

Ние се имаме одлучено за mkhost.com.mk. Доколку ги следиме правилата, гледаме дека МКхост компанијата е од Македонија поради .mk наставката, а com наставката ни укажува дека е комерцијална организација. Сепак како што претходно нагласивме, ова немора да биде точно и така да ги класифицирате имињата на домените.

Должина на доменот и дозволени карактери

Должината варира, кај одредени наставки е лимитирана на минимум 2 карактера, додека кај други е возможно да се регистрира домен име и со еден карактер. Кај нас во Македонија може да се регистрираат домени со една буква/бројка, како на пример: 0.mk (веб сајтот постои и служи за кратење на линкови). Максималниот број на карактери за името без наставката може да биде до 63 карактера. Додека пак целосното име неможе да пречекори над 253 карактера (заедно со името, наставките, точките како сепаратор). Но во пракса одредени регистри имаат лимити кои не секогаш се исти.

Домените со кратки имиња од една, две, три карактера се речиси 100% веќе зафатени и регистрирани од некого, но доколку имате среќа може да најдете некој истечен домен, овозможен повторно за регистрација.

Во името дозволено е да се користат само латиничните букви, бројките од 0-9, како и карактерот „-“. Може да користите мали, големи букви или комбинации од мали и големи букви, во секој случај ќе го добиете истиот домен. Не е дозволено користење на празни места.

  • Помала должина на името – подобро памтење. Обидете се да најдете име кое што ќе има прикладна должина. Не претерувајте во должината. Секако дека со сегашните социјални мрежи и веб пребарувачите, должината не би била толку битна, но што кога ќе бидете во друштво и сакате да му го пренесете усно името на веб сајтот на вашиот другар? Дали е полесно да се запамти името: pretpriemac.com или stanete-uspesen-pretpriemac-besplatni-soveti.com ? Во првиот пример, името се состои само од еден збор, додека во вториот има повеќе зборови, па вие можеби ќе ги запаметите зборчињата, но дали ќе го погодите нивниот распоред?
  • Дали брендот да биде основа? Сега следуваат малку контрадикторности. Ако вашата компанија е позната според одредено бренд име, тогаш не се двоумете, изберете го бренд името како име на доменот. Доколку луѓето ве бараат на интернет а не го знаат вашиот сајт, прво што ќе го напишат е вашето бренд име. Што би се случило ако барате компанија пишувајќи го нејзиниот бренд, а интернет пребарувачот ви излиста име на домен кој не го содржи името на самиот бренд, а всушност тоа е сајтот што клиентот го бара. Дали тој едноставно ќе го игнорира мислеќи дека тоа не сте вие и ќе се откаже од пребарувањето? Но, доколку сте локален бизнис, кој локално има добро препознатлив бренд, но глобално нормално никој не го препознава ќе треба да користите поинаква стратегија. На пример, кога се спремав за службен пат во Брисел, требаше да резервирам хотел. Хотелот требаше да биде блиску до институцијата каде имав состаноци. Тогаш јас тргнав со пребарување на хотели во Брисел. Не знаев кои брендови постојат (иако веројатно сите поголеми се присутни), но со помош на Google, зборот „хотели во Брисел“ и локација (улица на институцијата каде имав состаноци) избрав еден хотел кој беше на 5 минути од моите службени активности.
  • Што е со клучен збор од вашата индустрија? Ќе продолжиме со уште контрадикторности. Земете ја за пример најголемата интернет продавница – Amazon.com . Дали во името гледате дека се содржи зборчето продавница? -Не, но името е интересно и веќе познато помеѓу луѓето и секој кој што ја посетил знае дека е интернет продавница. Ќе дадеме и пример со хотел, вие сте претриемач на одреден хотел, зошто би морало во името да се состои и зборчето хотел? Дали е подобро да го наведете само името на хотелот, а потоа самиот посетител да открие дека се работи за хотел? Со ова се намалува должината на доменот, посетителите полесно ќе го памтат истиот и ќе го стекнувате брендот на интернет. Но, ова е одлична стратегија за бренд како Hilton, но што со некое помало хотелче од Водно кое нуди дури и поперсонализирани услуги за деловни луѓе? Што ако не сакам да паметам? Се одвикнав од чување на информации во мозокот, бидејќи технологијата ми го овозможи сето тоа. Сетете се на неколку интернет страни кои имаат оригинални имиња, кои ви оставиле впечаток и кои немаат никаква конекција со нивната индустрија и област. Еве ви потсетник: google.com – знам дека е мој секојдневен пребарувач, немора да биде search-engine-google.com . Уште еден пример: yahoo.com – нема никаква конекција со емаил сервис или веб портал/емаил портал, но знам дека таму си ја проверувам мојата пошта. Но, едно нешто треба да се знае, Google, Yahoo и Amazon почнаа со работа уште минатиот век кога и не никнуваа милиони нови веб страни на дневна основа. Тие беа во бизнисот кога во Македонија сеуште почнувавме со dial-up конекција. Тие го изградија сопствениот бренд и сопствената бизнис империја. Правилата од пред 10 години се изменија. Затоа добро размислете во однос на брендот и клучниот збор во домен името. Сепак и двете стратегии се добри, но подобра е онаа што ќе биде усогласена со Вашата бизнис стратегија, односно што сакате да постигнете и кого да допрете со Вашата интернет презентација.
  • Купете повеќе наставки, но одлучете се една да биде главна. Доколку имате можност, земете повеќе наставки за истото име. Зошто? Одговорот е едноставен, што ако некој во иднина ви ја закупи другата наставка и ви врши конкуренција или антиреклама или едноставно ги буни вашите посетители? Пример се одлучивте за домен името: primer.com . Ја започнавте вашата интернет презентација и после неколку години приметувате дека некој отворил нова веб страна со истото име но друга наставка: primer.net . Новата веб страна што ја стартувале немора да биде од истата индустрција или да содржи слична содржина, но зошто вашите посетители да се бунат, дали беше .com или .net ? Купете ги и двете наставки и може да ги избегнете овие непријатни ситуации како и за вас, така и за вашите посетители. Поради ова, нашиот регистрар во Македонија воведе едно правило кое ви помага да немора да го правите ова. Имено, ако регистрирате домен име: primer.mk , неможе друг да го регистрира истото име но со друга наставка: primer.com.mk без ваше одобрение. Сепак ова правило не важи за интернационалните наставки и затоа доколку сте во можност закупете повеќе наставки со истото име. Со Македонските наставки немора да го правите ова се додека важи правилото на нашиот регистрар.
  • Направете истражување пред да ја извршите одлуката. Дали можеби под истото име, има веќе регистрирано други наставки кои се познати веб страни или други веб страни кои се во истата индустрија? Извршете пребарување и најдете соодветно име за кое нема многу регистрирано наставки. Ако вашето име е: novbiznis, тогаш направете едно претражување дали постојат наставките: novbiznis.com , novbiznis.net , novbiznis.org , novbiznis.mk , novbiznis.com.mk и слично. Доколку сите или повеќето се слободни, тогаш тоа е добар знак да продолжите со регистрацијата и да ја одберете главната наставка. За да претражите дали одредени наставки за одредено име се слободни или веќе регистрирани следете го линкот на МКхост пребарувачот на домени.
  • Изберете компанија која е позната и има репутација во регистрација на домени. МКхост веќе петта година е во хостинг бизнисот и има извршено регистрација на домени за илјадници клиенти. Ние го цениме бизнисот и работата на нашите клиенти и нема да дозволиме никогаш да бидат разочарани и да го изгубат своето домен име регистрирано преку нас. Прочитајте како до регистрација на mk домен преку МКхост. Внимавајте постојат повеќе Македонски „компании“ кои може да ви го регистрираат доменот, но потоа едноставно да исчезнат, да не ви дозволат да го трансферирате до друг регистрар, да неможете да промените контакт информации, или да промените ДНС сервери, како и префрлање на сопственост на име на друга компанија доколку се работи за .mk домени. МКхост може да ви додели правен документ откако ќе го регистрирате доменот преку нас со што ќе бидете 100% сигурни дека тоа е ваше име и неможе никој друг да ви го земе, секако доколку го обновувате навреме и не дозволувате да истече. Ние исто така имаме свој веб интерфејс каде може да вршите контрола на вашиот домен.
  • Проверете дали вашето избрано име за доменот, не е некој познат бренд или трговска марка. Проверката може да ја извршите едноставно со неколку пребарувања на интернет. Добар резултат би бил доколку вашето име е уникатно и не постои друг бренд со истото име затоа што може да имате проблеми во иднина, како и забуна кај вашите посетители.
  • Обновувајте го доменот на време или закупете го за повеќе години. Од искуство и работа со клиенти кои регистрираат домени преку МКхост имаме забележано дека забораваат да направат обнова на доменот или да извршат промена во информациите за контакт доколку истите ги промениле. Секако дека постојат потсетници кои ве известуваат дека вашиот домен ќе истече за одреден период, но тие потсетници се испраќаат на емаилот кој сте го доставиле како контакт емаил при регистрација на доменот. Ако вие го имате променето вашиот емаил или веќе не го користите истиот, што ќе се случи ако сте заборавиле кога ви истекува доменот што сте го регистрирале, а потсетниците испраќаат известување на емаилот што не го користите веќе? Затоа контакт информациите за вашиот домен секогаш ажурирајте ги доколку има промени за да не дојде до несакана последица – истек на доменот и неможност на враќање назад за подолг период. Како една предност за пребарувачите претставува и домен регистриран на подолг рок. На пример, доменот закупен на 5 години има поголем авторитет отколку оној закупен на една година.
  • Кога ќе се одлучите за еден домен не го менувајте. Повторно совет кој доаѓа од пребарувачите. Ова е уште еден фактор кој се следи од страна на пребарувачите и влијае на авторитетот на Вашата веб страна. Колку е постар доменот толку поголем авторитет ќе имате.

Ова се само неколку совети од нас, кои немора да ги прифатите, но секако добро е да ги прочитате и да размислите. Можеби некои од нив ќе ви бидат добредојдени и ќе ви послужат при изборот.

Секако, последен, но не и нај не битен совет од нас е да направите и интерна консултација и/или анкета со членовите на вашата организација, па заедно да одлучите.

НАУЧИ ДА НАПРАВИШ СОПСТВЕН ВЕБ САЈТ!

Добиј пристап до бесплатен серијал од видео туторијали за WordPress во неколку чекори на македонски јазик.

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn