Еден работен ден заедно со Билјана Шијаковска, CEO на МКхост

„Да се прифати улогата на CEO на една растечка IT компанија беше голема чест и привилегија, но и голем чекор кој носеше многу повеќе одговорности, а со тоа и доза страв за мене“.

Билјана Шијаковска е извршен директор на најголемата хостинг компанија и регистрар на домени во Македонија веќе цели 2 години. За овој временски период, направен е голем прогрес и се воведени повеќе нови проекти и услуги за корисниците, со една цел – МКхост да го доближи поимот „веб сајт“ до секој поединец.

Предизвик за квалитетна работа

Сепак, за да се прифати една ваква сериозна функција, секако дека за Билјана било потребно да има и подршка од окружувањето, како и желба и детерминираност за квалитет во извршувањето на работата.

„Предизвик беше да се преземе менаџирањето на една веќе растечка компанија со млад и желен кадар за развој, да се зачува моменталниот развој, но и да се поттикне уште поголем раст, а да останеме и да го надградиме она по што секогаш сме биле познати – задоволни корисници и професионална поддршка.

Од една страна секако дека имаше еден позитивен страв за понатаму, но од друга страна стоеја сите желби за напредок на компанијата, сите планови и замисли за нови услуги и чекори напред за напредок, сите идеи, желба и труд за вработените.

Со целата поддршка како и од семејството, а така и од целокупниот тим на МКхост, приказната само може позитивно да продолжува, а стравот беше заменет со упорност, детерминираност, професионалност и мотивираност.“

Однапред дефинирани планови и проекти

За Билјана тимот претставува клучниот фактор зошто МКхост бележи сѐ поголеми успеси во изминатиот период.

Со квалитетната тимска работа фокусот е кон дефинирање на задачи и планови на подолг временски период, а потоа со секој тим засебно се доделуваат приоритети на проектите.

„Сите нови услуги или промоции се дефинираат однапред со добро определен план, пред да се започне со нивна работа. За успешно завршен проект потребно е труд, квалитетно вложено време, консултации и тимска работа.

Често на еден проект не работи само еден тим, туку повеќе вработени од различни тимови, со цел да се изработи успешен проект, и се разбира да се задоволат потребите на нашите клиенти.“

Поглед на работата од дневно ниво

За да може да се види големата слика на работењето на една компанија, потребно е да се обрнува особено внимание и на ситните детали.

Така и за Билјана, секој работен ден почнува со преглед на најосновната функционалност, која е истовремено и најкруцијален дел за функционирањето на една хостинг компанија – проверката на сервери.

„Најпрво проверка и мониторинг на функционалноста на серверите, а потоа денот продолжува со кафе и пријателски разговор со вработените околу плановите и задачите за тој работен ден.

После добро кафе и добро дефиниран план, уште рано наутро работите полесно течат во текот на денот.“

Секој работен ден си носи и соодветни предизвици на дневно ниво, почнувајќи од извршување на сите зададени задачи, а во исто време и зачувување на добрата работна атмосфера во тимот. Тоа за Билјана претставува и главна цел која ја има зацртано како менаџер.

„Истовремено, еден од најважните предизвици е да се зачува трпеливоста и присебноста во моменти на серверски проблем и добро спроведување на процедурата, со цел брзо покренување и враќање во употреба на услугите, но со добар план и тимска работа предизвиците се полесни.“

Значењето на тимот на МКхост

Како што веќе нагласи Билјана, тимот е клучен фактор кој ги овозможува сите придвижувања на компанијата во нагорна линија.

„Пријателската атмосфера е круцијална за добра тимска работа. Се дружиме меѓусебно и разменуваме идеи, а често знаеме да организираме различни тим билдинг настани, како во канцеларија после работа, така и во некои од локалите во нашиот град. Често правиме и различни кратки екскурзии низ земјава.

Уживаме во заедничките разговори, разменуваме идеи и подобро се запознаваме меѓусебе, притоа градејќи одличен однос кој допринесува за квалитетна заедничка работа.

Секој персонален и професионален успех на секој од нас поединечно, а тоа доведува до професионален успех и на целата компанија.“

Во моментов интензивно се работи на зголемување на бројот на вработени во сите делови од МКхост.

„Токму сега имаме отворени позции за Систем Администратор, и би сакала да ја искористам оваа прилика за да ги повикам сите заинтересирани да се пријават и да станат дел од нашиот тим“.

Визија за во иднина

Но, МКхост не застанува тука. Има уште многу простор за нови проекти, како и нови предизвици за работа, а Билјана не го крие задоволството од претстојните новости кои во блиска иднина ќе ги промовира компанијата во јавноста.

„Работиме на зголемување на портфолиото на услуги кои МКхост ги нуди, како и на уште неколку новости кои стартуваат веќе од оваа есен.

Ни следуваат уште неколку интересни проекти до крајот на годината, поврзани со внатрешни промени на системите за работа, но и многу интересни понуди и промоции за нашите корисници.

Имаме обврска кон нашите корисници никогаш да не стоиме во место, туку секогаш да се потрудиме да понудиме нешто ново на пазарот и да помогнеме на секоја компанија или индивидуалец да стане дел од интернет просторот и да се претстави на светот во најдобро светло.“