Хостинг Компанија – 5 Елементи при избор

Претприемач и МКХост серијал
Претприемач и МКХост серијал

Во светот е веќе незамисливо малите бизниси да немаат сопствена веб презентација и продажба преку интернет. За оваа намена Ви е потребно место каде сите тие елементи ќе бидат сместени и достапни за глобалната интернет популација. Тоа место го обезбедувате преку хостинг компанија.

Овој пазар во Република Македонија некако во последниве години бележи голем раст. Голем раст, но во исто време проследен со премногу неправилности, „измами“ и секако несоодветен квалитет во однос на она што еден мал бизнис или претприемач ќе треба да го добие.

Развојот на ова индустрија во светски рамки и секако овозможеноста преку глобалниот интернет секој поединец да купи некаков простор од странските компании и тука да го препродава овозможи една целосна збрка и нерегулиран простор во кој најмногу страдаат претприемачите. Во секојдневен контакт со претприемачите слушам различни изјави дека се чувствуват измамени.

Затоа МКХост и Претприемач започнуваат еден серијал на написи кои едноставно ќе се однесуваат на едукација на сегашните или потенцијалните претприемачи во однос на ова подрачје.

1. Стабилност

Стабилност на системот е една од најважните карактеристики што еден претприемач или еден мал бизнис има потреба од една хостинг компанија.

Примери во однос на стабилноста:

  • Во моментот на одлука за купување Вашиот потенцијален купувач не може да пристапи до Вашата веб страна бидејќи серверот е паднат.
  • Во процесот на донесување на одлука за купување при анализа на бизнисите, потенцијалниот купувач не може да пристапи до производите и/или услугите кои Вие ги нудите бидејќи серверот е паднат.
  • Сакате да испратите/примите битна е-mail порака до/од вашиот бизнис партнер или да ги известите своите потрошувачи за ваш нов производ – но проблем со серверот / e-mail серверот.

2. Бризна

Што се подразбира под брзина за еден мал бизнис кога станува збор за хостинг услуга?

Во денешно време со модерната технологија кај компјутерите и нивниот брз раст, човекот се навикнува на брзо извршување на работите на компјутерот. Нашето време станува драгоцено и потребна ни е секоја секунда од времето.

Брзината на серверот, односно брзината на отварање на вашата интернет презентација е многу важен фактор. Врз брзината влијаат повеќе работи, нормално прво ја земаме интернет конекцијата на посетителот на сајтот, каква конекција има, дали во моментот неговата конекција е зафатена со други интернет апликации и слично.

Важен фактор во брзината на сајтот е и локацијата на хостинг серверот како и неговите софтверски и хардверски перформанси.

Хостинг Сервер
Хостинг Сервер

Локација на серверот, мислиме на физичка локација каде точно е лоциран. Под сервер зборуваме за компјутер, специфично наречен сервер затоа што се користи да опслужува корисници и не спаѓа во групата на персонални компјутери кои се користат само за лична употреба. Хостинг компанијата е таа каде што ги лоцира серверите физички. Серверот е нон стоп под интернет конекција како и струјно напојување со цел да има максимален uptime. Доколку серверот е физички и инфраструктурно поблиску до вас (до вашиот компјутер – вашата интернет конекција), тогаш побрзо ќе комуницира со вас и побрзо ќе ве опслужува. Доколку вие сте во Македонија и серверот е во Македонија, тогаш веројатноста да имате побрз пристап до него во споредба со некој посетител од Америка е многу поголема, затоа што Интернет конекцијата на посетителот од Америка е поврзана помеѓу повеќе провајдери и потребно е поголемо време за комуникација со серверот.

Одредени хостинг компании нудат сервери лоцирани само на една географска локација, додека други на повеќе, сепак клиентот треба да го има ова во предвид кога врши нарачка на одреден хостинг простор и да претпостави од каде ќе му се целните посетители (потенцијалните купувачи) на сајтот за да тие добијат побрз пристап до неговиот сајт и да ги претвори во идни купувачи. На пример, доколку Вашиот бизнис е насочен кон потрошувачи во Македонија најдобро е да изберете вашиот веб сајт да биде хостиран на сервери во Македонија.

Под софтверски перформанси на серверот се подразбира оперативниот систем, системските апликации, преоптеретеноста со податоци …

Под хардверски перформанси подразбираме брзина на процесорот, колку јадрен е процесорот, физички рам и хард диск простор на серверот …

Пример за брзина:

  • Потенцијалниот купувач ја наоѓа Вашата веб страна бидејќи имате вложено огромен труд во SEO или пaк имате активна Google Adwords кампања преку која доаѓа до вашиот веб сајт, но при отворање или разгледување на истата чека премногу време. Се нервира и едноставно го кликнува Х знакчето. Запрашајте се самите колку пати ви се случило да исклучите одреден веб сајт поради тоа што споро се отвара. Спороста ги нервира посетителите и тие налутени го исклчуваат сајтот. Ако му понудите на посетителот брз сајт кој што ќе се отвори веднаш кога ќе ја внесе URL адресата во пребарувачот тогаш тој го направил првиот чекор и дошол на вашиот сајт каде ќе може веднаш да почне да го бара тоа што му треба. Брзина на сајтот е основен предуслов за да го привлечете посетителот и да го претворите во ваш клиент како и да ужива при кликање на линковите во вашиот сајт и брзо скокање од еден на друг линк без чекања.

3. Доверливост

Една хостинг компанија каде што ја хостирате Вашата бизнис веб страна може да има пристап до премногу податоци за Вашиот бизнис кои едноставно претставуваат индустриска тајна. Затоа доверливоста е уште една карактеристика која вие како претприемач ќе мора да ја побарате во една хостинг компанија.

Неколку препораки:

  • Проверете колкав број на клиенти имаат?
  • Кои се клиентите на разгледуваната хостинг компанијата?
  • Колку време постои разгледуваната хостинг компанијата?
  • Дали има инвестирано во опрема во Македонија или едноставно само е реселер на странските компании?
  • Доколку е реселер на кои странски компании е реселер и каква е нивната репутација?

Пример со доверливост:

  • Доаѓа конкурентска компанија и му нуди на хостинг провајдерот тајно пари за да му ги даде информациите за бројот на посетители, географска локација на истите, најпосетувани страни со производи… Дали сакате овие информации да бидат во рацете на Вашите конкуренти? Ние не би сакале!

4. Техничка подршка

Кога станува збор за технологијата често пати може да се случат различни непредвидени грешки кои можат да бидат катастрофални по Вашиот бизнис доколку не се реагира брзо. Затоа при изборот на хостинг компанија каде ќе биде хостирана Вашата веб страна внимавајте да има репутација на квалитетна техничка поддршка.

Видови на техничка поддршка:

  • Најосновна поддршка преку емаил систем (испраќате емаил пример до: [email protected])
  • Пософистицирана поддршка преку таканаречен тикет (ticket) систем (отворате ticket и целата комуникација се одвива преку овој ticket, предноста е тоа што имате преглед на сите ваши одговори, како и одговорите на членовите од техничката поддршка како и можноста да реплицирате преку веб – немора секогаш да праќате емаил порака. Исто така предност е и за членовите на техничкиот тим, може повеќе да ви помагаат и одговараат на ticket-от како и да го препратат до одреден оддел, ако сте го испратиле на погрешен).
  • Телефонски контакт – ова е најкористен денешен начин на комуникација каде јасно и брзо може да се утврди тоа што се бара. Внимавајте многу хостинг компании не нудат телефонска поддршка, или пак некои нудат но не се секогаш достапни
  • Поддршка преку социјални мрежи како и IM клиенти: SKYPE, MSN … многу клиенти бараат ваков тип на поддршка, затоа што кога сакат може да прашаат за нешто и да добијат веднаш одговор без да чекаат емаил – сепак кај поголеми хостинг компании ваквата поддршка се избегнува
  • Техничка поддршка преку Live Chat – ова е диреткна комуникација на клиентот со некој оператор на сајтот на компанијата при што брзо и директно може да се поставуваат и одговараат прашања без комуникација преку емаил. Се заштедува на време и можност за поставување на повеќе прашања – хостинг компанијата треба да обезбеди вработени кои нон стоп ќе бидат на четот затоа што не се знае кога точно одреден посетител ќе дојде на сајтот на хостинг компанијата да побара помош

Пример со техничка подршка:

  • Се случува технички проблем кој доведува до пад на серверот каде е хостирана Вашата веб страна. Се јавувате на компанијата кај која имате закупено една ваква услуга, но едноставно не можете да ги добиете. Вашите потенцијални купувачи не можат да пристапат до Вашата веб страна иако донеле одлука да купат нешто.

5. Да не е фиктивна компанија?

И секако иако последно, не и најмалку важно. Дали е тоа компанија која поминала низ правниот филтер во Македонија? Дали правниот систем на Македонија е валиден врз компанијата која Ви ги нуди хостинг услугите?

Постојат многу причини зошто го вклучивме и овој елемент кој Вие како претприемач би требало да го разгледате пред да донесете конечна одлука. Тука ќе наведеме неколку прашања:

  • Доколку се случат непредвидени работи кого ќе тужите?
  • Вие сте бизнис – даночен обврзник, како ќе го вратите ДДВ-то?
  • Дали не го прекршувате законот?
  • Денес го има утре го нема – Дали ќе имате штета доколку сите податоци на серверот исчезнат?