Како да избереш најдобро домен име за твојата компанија?

Избор на име за домен е сличен со изборот на име за фирма – бара многу мислење и разгледување. Твоето домен име претставува твој идентитет на интернет. Сигурно би сакал да го избереш името кое ќе одговара на твојот бизнис, а исто така и кое лесно може да се пребарува.

Името на доменот е еден од клучните моменти кои го прават твојот сајт препознатлив. Многумина претпоставуваат дека првиот чекор за започнување на свој веб сајт е дизајнот, Сепак, изборот на име за домен е подеднакво важен. Веројатно претставува најтешкиот дел од процесот при креирање на сајт.

Деновиве сè потешко е да се најде домен име кое е лесно за паметење и специфично, а во исто време и слободно. Изборот за домен имињата и нивните екстензии стануваат сè поограничени со растот на интернетот. Генеричните имиња се во најголем дел искористени, па останува на твојата креативност да направиш што попрепознатлива адреса на која ќе пристапат твоите корисници.

Повеќето мали и средни бизнис сајтови, кои се наоѓаат на првата страница на Google, постигнуваат пласман со користење на брендирани клучни зборови. Ова е уште една од причините зошто е важно твоето домен име да се поклопува со твојот бренд.

Во прилог следуваат неколку совети како да го избереш твоето совршено домен име.

Нека биде лесно за пишување

Наоѓање на домен име што е лесно за пишување е од клучно значење за онлајн успех. Ако користиш жаргон, или зборови со повеќе значења, тоа може да им отежни на корисниците да се снајдат на твојот сајт.

Избегнувај тешки и долги зборови, како и бројки.

Нека биде кратко

Ако твоето домен име е долго и сложено, ризикуваш корисниците да погрешат во неговото пишување. Корисен совет е дека – пократкото е секогаш подобро.

Користи клучни зборови

Обиди се со користење на клучни зборови кои го опишуваат твојот бизнис и услугите што ги нудиш. Вклучи ги оние клучни зборови кои што ги употребуваат корисниците при пребарување на производи или услуги од тој тип.

Тоа ќе помогне и во подобрување на ранкингот на Google, што може да ти донесе дополнителни нови посети на сајтот.

Нека биде лесно за помнење

Word-of-mouth се потпира на леснотијата со која еден домен може да му падне на памет на потенцијалниот корисник. Сигурно не сакаш да бидеш компанијата со сајт на чиј домен никој не може да се сети.

Избери нешто што ќе те разликува од конкуренцијата и што ќе биде на ум на твоите потенцијални корисници.

Избегни кршење на авторски права

Ова е грешка што не се прави премногу често, но може да „уништи“ определен домен доколку се случи. За да бидеш сигурен дека не прекршуваш нечии авторски права со името на твојот сајт, посети го copyright.gov и пребарај пред да го закупиш доменот.

Биди сигурен дека името кое го имаш избрано не е заштитна марка, заштитено со нечии авторски права, или пак кое се користи од страна на друга компанија. Тоа би можело да резултира со огромни правни проблеми.

Избегни цртички и бројки

Користење цртички и бројки отежнуваат при вербално кажување на домен името и при паметење од страна на потенцијалните корисници.

Понекогаш, ваквите домени можат да бидат третирани како спам. Затоа е најдобро, ако веќе мораш да го разделиш името на доменот, тоа да биде најмногу со една цртичка.

Заштити се и изгради бренд

За да се ​​заштитиш како бренд, треба да купиш различни и повеќе домен наставки, како и неправилните верзии од твоето домен име.

Ова ги спречува конкурентите да регистрираат други верзии и гарантира дека твоите корисници се насочени кон твојот сајт, дури и ако погрешно го напишат домен името при пребарувањето .Заштити се и изгради го твојот бренд.

Користи соодветни домен наставки

Постојат многу различни домен наставки, како .mk, .com, net, итн. Тие имаат специфични намени, така што треба да бидеш сигурен дека си одбрал соодветна екстензија за твојот бизнис. Не треба да правиш веб сајт за секоја екстензија посебно. Само пренасочи ги сите дополнителни домени (со други наставки) кон твојот примарен домен.

Ако твојата компанија е од Македонија, препорачливо е да закупиш домен со .mk екстензија. Направи проверка дали саканиот домен е слободен веднаш.