Кога поседувате веб сајт, секако дека една од најважните работи за неговата одржливост е колку е истиот тој посетен. Меѓутоа, „чистата“ посетеност никогаш не треба, а и не може да биде релевантен показател за целокупниот успех. Наместо тоа, посетеноста треба постојано да се контролира и да биде олеснувач околу дефинирањето на фокус и целни групи кои може да се капитализираат.

Анализа на посетеноста

Постојат повеќе алатки преку кои може да ја анализирате посетеноста на веб сајтот. Освен тоа што можете да ги гледате посетите во реално време, како и вкупната посетеност на дневно/неделно/месечно ниво, постојат и многу други можности за анализа, почнувајќи од тоа колку посетителите се задржуваат на вашиот сајт, до технологиите преку кои пристапуваат, па сè до тоа од кои извори доаѓаат. Најпозната алатка е Google Analytics.

Да го истражиме случајот со bounce rate, односно процент кој покажува колку од посетителите виделе само една страница од веб сајтот, а потоа се изгасиле.

Ако земеме два веб сајта:

  1. Веб сајт со 3.000 посети со bounce rate од 50%,
  2. Веб сајт од 2.000 посети со bounce rate од 10%,

На прв поглед, според посетеноста, првиот веб сајт остварува подобар резултат. Но, што се случува ако го земеме и bounce rate како фактор? Тоа значи, дека во првиот случај, 1.500 посетители виделе повеќе од една страница, а во вториот случај дека 1.800 посетители виделе повеќе од една страница на сајтот.

Со овој фактор, можеме да заклучиме дека вториот веб сајт има подобар квалитет на посети од првиот, и подобра можност за капитализација на истите тие посети.

Како да се допре до соодветната публика?

Многу е важно да се направи листа на клучни индикатори за перформанси (KPI – key performance indicators), односно да се постават цели за успех на веб сајтот, а потоа тие да се анализираат соодветно за да може да се преземе корективна акција. Ако целта ви е да имате повеќе посети преку десктоп компјутери, отколку преку паметни телефони, бидејќи истите носат поголем обрт, логично е да сакате да надгледувате од каде доаѓа вашата публика.

Изработка на специјални landing pages за одредена потреба, како и соодветна навигација на веб сајтот е од големо значење. Ако сакате да постигнете ефект на „блискост“ со посетителите, вашата навигација треба да биде доволно едноставна и јасна, за да посетителите можат да го најдат или направат токму она што им треба.

Некогаш подолг престој на вашиот сајт може да значи добар знак, посебно за веб сајтови со подолга содржина. Тоа ќе значи дека посетителите се заинтересирани за тоа што го гледаат. Меѓутоа, на сајтови кои вршат продажба на одреден производ, подолгиот престој можеби ќе значи дека вашиот процес на нарачка е премногу комплициран? Затоа, посветете време за да ја подготвите навигацијата како што треба.

Еден од начините да се придобие конкретната таргет публика, е со соодветна промоција и фокусирана комуникација. Сервисите како Google AdWords или Facebook Ads Manager овозможуваат селекција на соодветна публика на која би им се прикажувале вашите огласи и реклами. Од сите овие нови посетители, подоцна може да направите ремаркетинг листи и да ги привлечете повторно, со што ќе ја надоградувате вашата база на нови и квалитетни посети.

Квалитет или квантитет?

Квантитетот на посетеност може да биде добар од аспект на подигање на свесност на еден бренд, или пак за градење на ремаркетинг листи. И секако е многу важен за собирање на нова база од посетители кои би се претвориле во лојални, односно квалитетни.

Меѓутоа, лошо испланиран квантитет може да чини многу. И затоа е од особено значење квалитетно да се планираат ресурсите, како и да се гради стабилна база на посетители која постепено и органски ќе расте во уште поголем број со текот на времето.

НАУЧИ ДА НАПРАВИШ СОПСТВЕН ВЕБ САЈТ!

Добиј пристап до бесплатен серијал од видео туторијали за WordPress во неколку чекори на македонски јазик.

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn