Како да заработите од сопственост врз веб сајт?

Над 1,1 милијарди веб сајтови се онлајн во овој момент според Internet Live Stats, а нивниот број расте во секоја секунда. Истите служат на над 2,9 милијарди корисници на Интернет низ светот. Овие бројки само ја потврдуваат огромната експанзија на светската мрежа која во 1991-вата броеше само еден веб сајт (оној на CERN), а за само пред 10 години, во 2005-тата да брои нешто повеќе од 60 милиони креатори на онлајн просторот.

Интернетот несомнено еволуираше во овие 20-тина години: од веб-сајтови наменети за размена на информации и составени само од текст, преку споделување мултимедијални содржини и развивање на концептот за корисничко генерирана содржина, па сè до новите предизвици како што е „Интернет на нештата“.

Значење на веб сајтовите

Од идеја до реализација

Денес, да се отвори веб-сајт на Интернет е веројатно една од наједноставните бизнис опции, посебно за млади претприемачи, но истовремено е проследена со голема динамичност, одговорност и неизвесност. Оваа огромна „џунгла“ можеби делува застрашувачки од конкурентски аспект, но она што е најважно за дигиталната ера е концептот на „вмрежување“, воспоставување партнерства и градење на позитивен фидбек, а не класична конкуренција каква што беше присутна во минатото кај класичните физички бизниси.

За сите бизниси, независно дали нудат физички или чисто дигитални продукти, е неизбежно и пресудно онлајн присуството во денешното окружување. Поседувањето на сопствен веб простор не само што ви овозможува промоција и изложување на брендот пред потенцијални нови корисници, туку и нови бизнис модели и можности за генерирање на приходи.

Најважен пристап кога ќе одлучите дека ви е потребен ваков чекор, е да имате јасна слика за идејата, целта на постоење, како и дефинирани мисија и визија. Добро дефиниран концепт за вашето онлајн присуство ги зголемува и шансите за успешност на истото. Охрабрувачки факт е дека сите резултати кои се постигнуваат на Интернет се следат динамично и во реално време, што овозможува голем простор за експериментирање и минимизирање на грешките.

Типови на веб сајтови

Веб сајтовите можат да бидат дизајнирани за најразлични категории на Интернет корисници и потреби. Генералната е поделба е на статички (само креаторот објавува содржина) и интерактивни (се стреми кон кориснички генерирана содржина).

Подетално, гледано од економски аспект, веб-сајтовите може да се поделат на повеќе групи (според книгата Digital Marketing од 2012-та):

Сајтови за е-трговија и трансакции
Овие веб сајтови овозможуваат електронска продажба, независно дали се работи за физички или дигитални продукти. Цел на овие сајтови (и главниот извор на приход) е продажбата на продуктите.

Сервисно ориентирани сајтови за градење на база на потенцијални клиенти (Lead generation)
Информативни сајтови за продукти кои треба да ја поттикнат физичката продажба, а истовремено градат партнерство со потенцијалните клиенти. Примери се сајтовите на автомобилските компании.

Корпоративен сајт
Сајт кој треба да го обележи просторот на определен бизнис онлајн, и покрај тоа што најчесто не се продаваат продуктите онлајн. Корисни се за поттикнување на свесноста за некој бренд.

Портали / Информативни сајтови
Создавачи и генератори на најразлична содржина и информации. Заедно со социјалните мрежи, имаат и најшироки можности околу изворите на приходи.

Социјални мрежи и форуми
Сајтови кај кои содржината е генерирана само од корисниците, во денешно време едни од највлијателните кога станува збор за креирање на јавното мислење.

Причини зошто треба да се поседува веб-сајт

Погоре наведовме зошто е неопходно во денешно време да се биде присутен на светската мрежа. Еве и неколку подетални причини:

Зголемување на продажбата
Онлајн изложувањето на продуктот нуди поголем досег до потенцијалните потрошувачи.

Додавање вредност на продуктот
Давање на потрошувачите екстра бенефиции онлајн.

Доближување до потрошувачите
Можност за интеракција и комуницирање со потрошувачите и добивање фидбек во реално време.

Намалување на трошоци
Онлајн промоцијата и комуникација е со неспоредливо пониска цена во однос на другите медиуми.

Зајакнување на брендот
Нудење на нови можности за продуктот онлајн и позиционирање и зголемување на довербата кај новата генерација.

Ниски бариери за влез
Релативно е полесно за започнување во однос на другите бизниси.

Достапен е 24/7
Физичките бизниси имаат ограничено работно време, но веб сајтот е тука постојано за потрошувачите.

Овозможување глобалност
Речиси половина од светското население користи Интернет, а веб сајтовите, независно од земјата на потекло, се достапни во рамки на целата планета.

Прецизирана таргетираност
Полесно доаѓање до посакуваната публика на потенцијални потрошувачи со помош на разните алатки и можности на Интернетот.

Професионални е-маил адреси
Брендирање на електронската пошта која остава посериозен впечаток пред онлајн публиката.

Извори на приходи

Еден веб сајт има широк спектар на бизнис модели преку кои може да се финансира. Ова се најкористените:

Претплата
За пристап до информациите на сајтот, корисникот е потребно да се претплати на дневно/месечно/годишно ниво.

Плаќање по преглед (Pay per view)
Претплата за еднократен пристап до определен документ на сајтот.

Дисплеј рекламирање / банери 
Најкористен модел за рекламирање кај порталите, огласувачите закупуваат банер за определена месечна цена или за илјадници прикажувања (Cost per mille – CPM).

Рекламирање на принцип цена по клик (Cost per click – CPC)
За разлика од CPM, кај CPC рекламата не се наплаќа според прикажувања, туку според тоа колку пати истата е кликната.

Спонзорство
Огласувач чија дејност е сродна до содржината на веб-сајтот може да го спонзорира за определен период на време.

Филијален маркетинг (Affiliate marketing)
Кај овој модел, еден сајт рекламира продукти на друг бизнис, при што добива процент од продажбата од секој продаден производ кој е кликнат преку тој сајт.

Користење на базата на податоци
Во согласност со потрошувачите, тие може да добиваат разна промотивна електронска пошта.

Онлајн анкети
Истражувањата на Интернет кај инсталираните бази на корисници е исто така еден од популарните онлајн бизнис модели.

Freemium модели
Кога еден продукт е достапен бесплатно онлајн, но се плаќа неговата премиум верзија.