Како до подобар Google ранкинг на мојот сајт?

Значењето на Google, и воопшто SEO, за бројот и квалитетот на посети на Вашиот веб сајт, кои треба да донесат конверзии и приходи е огромно. Тогаш, како може да се поработи на овој проблем? Кој е „трикот“ за Вашиот сајт да стигне до „волшебната“ прва страница на овој пребарувач?

Реалноста е дека не постои „волшебно стапче“ или брз начин да се стигне до врвот. Потребно е константна и постојана работа на повеќе фактори и делови од сајтот. Ова се дел од позначајните.

Релевантна и константна содржина

Не постои никаква замена за квалитетна содржина при работење со еден веб сајт. Таа е главниот двигател за зголемување на читателската публика, квалитетот и релевантноста на сајтот. Размислете за клучните зборови и фрази кои би можеле да ги пребаруваат посетителите на пребарувачите преку кои би стигнале до конкретна статија на вашиот сајт. На пример, „како до подобар ранкинг“.

Исто така, од голема важност е и константното надополнување со нови содржини. Најмногу поради индексирањето од страна на Google кое ги вреднува сајтовите кои постојано се ажурираат како индикатор за нивната вкупна релевантност.

Метатагови

Скриената содржина која не ја гледаат посетителите, но може да ја чита Google, се подесува во кодот на сајтот помеѓу <head> таговите, или доколку имате WordPress сајт, со помош на повеќе корисни плагини (како што е All in One SEO).

Постојат повеќе видови на метадата: title metadata (која го определува насловот кој се појавува на веб прелистувачот на конкретната страна од сајтот), description metadata (одговорна за текстуален опис кој се појавува на конкретното пребарување на Google), како и keyword metadata (определување на клучните зборови и фрази за пребарување).

Екстерни линкувања

Линкување на други релевантни сајтови поврзани со содржината која и Вие ја третирате на Вашиот сајт, исто така ги зголемува шансите за подобар ранкинг. Притоа, одбегнувајте зборови од типот на „кликнете тука“, и користете „мудри“ линкувања во релевантни зборови низ самиот текст.

Овој бенефит е обостран, така што ако некој друг сајт го линкува Вашиот, Вие исто така ќе имате бенефит од ваквиот начин на поврзување.

Алтернативни тагови

Мултимедијалните фајлови кои ги поставувате низ статиите (слики и видеа) треба постојано да имаат alt tag преку кој се специфицира содржината, односно со помош на текст се специфицираат што значат.

Google не може да ја „види“ сликата или видеото, но може да ја „прочита“ како е опишана и прикажана преку алтернативните тагови.

Pay per click

Постои и уште еден начин преку кој можете да се појавите со подобар ранкинг – платена реклама преку Google AdWords. Со рекламирање на оваа платформа, плаќате за реклама (која не се разликува од форматот за стандардно прикажување на текст резултати на Google) да се појавува на определени клучни зборови.

Сепак, по пат на „аукција“, Вие се борите со определна цена по клик (комбинирана со квалитетот на содржината на сајтот), Вашата реклама да излезе што погоре и да ја истисне конкуренцијата што исто така се бори против Вас. И оттука, ни овој фактор не е гаранција дека ќе завршите на првото место при пребарување.

Овој вид на рекламирање треба добро да се истражи и да се проверат соодветните клучни зборови, да се избегнат негативните (кои носат „залутани“ посети кои нема да генерираат никакви конверзии), и постојано да се анализираат сите ефекти и промени. Сепак, платеното рекламирање не може да го замени органското пребарување на Google, туку со негово комбинирање, да се дојде до подобри резултати и конверзии.

SSL сертификат

Https:// протоколот претставува гаранција дека сајтот има SSL сертификат, кој во исто време дава сигурност за корисниците дека е безбедно да купуваат и да ги споделуваат нивните информации токму на вашето место.

SSL сертификатот, освен што ја зголемува довербата кај вашите корисници, е од големо значење и за подобрување на вашиот ранкинг на Google. Самото работење на компанијата Google во последниов период е насочено кон поддржување на сигурните веб сајтови и поттикнување на сопствениците за преминување од http:// во https:// протоколи. Проверете ги SSL сертификатите кои ги нуди МКхост.

Иако во моментов, Google вели дека овој парамтерар дава минорно зголемување на SEO ранкингот, додека квалитетната содржина и понатаму останува клучниот двигател, не е исклучено дека во иднина ќе продолжи да ги форсира сигурните веб сајтови со https://.

Следење на трендовите

На крај, најважниот совет е, дека SEO не се „учи на памет“. Со текот на времето треба да добиете определена пракса како Вашата содржина да делува органски, а во исто време и доволно, но не претерано искалкулирано за да фигурира добро на пребарувачите (како што е Google).

На долг рок, евтини трикови никогаш не може да ве доведат до долготрајно решение за прогрес. Затоа, комбинација од горните совети, како и следење на новите трендови кои се појавуваат (UX дизајн, мобилна верзија, брзина и оптимизација на сајт и слични), но пред сè, слушање на потребите на корисниците, е она што ќе Ви го донесе загарантираниот успех.

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn

НАУЧИ ДА НАПРАВИШ СОПСТВЕН ВЕБ САЈТ!

Добиј пристап до бесплатен серијал од видео туторијали за WordPress во неколку чекори на македонски јазик.