Како Интернетот ги диктира светските трендови?

Интернетот сè повеќе навлегува во нашите секојдневни животи, и сè повеќе го зголемува своето влијание во нашето однесување и постапки. Истиот успеа од корен да промени повеќе индустрии и начини на водење на бизниси. Каде најмногу се чувствуваат овие поместувања?

Информации и политика

Американските избори кои се одржаа во минатата недела донесоа многу интересни размислувања за влијанието кое Интернетот го има врз секојдневниот живот.

Иако традиционалните медиуми сè уште имаат големо влијание во изборниот процес (првиот телевизиски дуел имаше историски најголема гледаност од речиси 85 милиони гледачи), многумина сметаат дека токму Интернетот, и посебно социјалните мрежи, беше одлучувачки Доналд Трамп да биде избран како нов американски претседател.

Токму начинот на кој двајцата кандидати се претставуваа со својот карактер и особини пред јавноста според аналитичарите имаа голема улога. Социјалните мрежи не се само начин за пренесување информации за лице или продукт, туку начин да се даде дополнителна вредност на „брендот“ и да се направи одределен „персоналитет“, со кој корисниците ќе се поврзат.

Музичка индустрија

Популарниот Mannequin Challenge кој се распространи вирално низ социјалните мрежи, освен што покажува дека Интернетот може да ја обедини светската популација околу една заедничка идеја, во моментов ја претвора песната која се користи најчесто како дел од видеата во огромен хит. Синглот Black Beatles, на музичко дуо Rae Sremmurd, за кое до сега веројатно немавте ни слушнато, стана #1 на официјалната американска топ листа и се проценува дека ќе „владее“ низ целиот свет во наредниот период.

Интернетот во изминативе години, со својот вирален карактер успеа многу да влијае на целокупната музичка индустрија. Ерата на лансирање на традиционални синглови и албуми, е во фаза на пад.

Интернет базираните сервиси како YouTube и Spotify успеаа комплетно да го сменат начинот на кој ја слушаме музиката. Дотолку, што најголемите светски топ листи, покрај продажбата, со голем удел на ранкингот на песните ги вклучува и токму овие стримувања.

Телевизија и филм

 

Една од најголемите телевизиски корпорации во САД, CBS, која е позната по тоа што работи по „традиционални“ принципи, и се насочува кон повозрасна публика, направи невообичаен чекор годинава, со тоа што масовно почна да го имплементира нивниот стринминг сервис CBS All Access.

И телевизиската и филмската индустрија не е имуна на промените донесени од страна на Интернетот. Како Spotify што е лидер во музичката индустрија помеѓу стриминг сервисите, така и во визуелните содржини постои таков – Netflix. Повеќе од 47 милиони корисници само во САД (и над 86 милиони низ цел свет) се доволно заканувачка бројка за 118,4 милиони домаќинства кои гледаат традиционална телевизија.

Иако Netflix не ја објавува јавно бројката за гледаноста на своите серии, неколкуте истражувања кои се направени, покажале дека најгледаните нивни серии се конкурентни со бројките на најгледаните серии на традиционалните телевизиски мрежи.

Како да се успее онлајн?

Во традиционалниот бизнис свет може да се успее или со многу креативност, или со многу пари. Интернетот, и онлајн бизнисот, за среќа, е едно од местата кадешто креативноста е повеќе на „цена“.

Токму и затоа, креативната идеја е она што е најмногу на вредност во онлајн светот. Голем дел од популацијата користи компјутер и паметни телефони поврзани со Интернет, и многумина од нив сакаат да бидат во тек со нови трендови и корисни информации.

Каква идеја вие мислите дека може да му прикажете на светот? Дали сте подготвени да започнете со вашата онлајн приказна, и да влијаете врз пошироката општествена заедница?