Како се зајакнува бренд вредноста на еден веб сајт?

Што е она што го прави еден веб сајт со поголема популарност и заработувачка од конкуренцијата? Како и секој друг (допирлив или недопирлив) производ, вредноста зависи од тоа во каков бренд ќе се претвори истиот тој прозивод. Има повеќе параметри како еден производ може да го зајакне сопствениот бренд. Во продолжение погледнете ги клучните.

 

Конзистентност

Еден бренд, пред сè претставува целосна приказна за еден производ. Таа приказна треба да биде конзистентна од визуелен и текстуален аспект кон страна на потрошувачите. Треба точно да се знае што е лого, мисија и визија на еден бренд, кои бои и форми ги отсликуваат вредностите на производот, итн. Целокупното ваше појавување, дали преку основниот веб сајт, или пак преку социјалните мрежи и другите форми на комуникација, треба да биде целосно синхронизирано и да ги отсликува сите овие важни елементи за бренд конзистентноста.

branding

 

Безбедност

Исто како и на постоечки физички локации, така и во онлајн светот посетителите сакаат да се „движат“ на места на кои се чувствуваат безбедно. Популарни методи кои, освен што можат да ви донесат поголема посетеност, ќе успеат да ја зголемат и онлајн продажбата преку вашиот сајт, е додавање на т.н. „trust badges“. Веб просторот сè уште е изложен на голем сајбер криминал, па оттука давање сигурност на потенцијалните клиенти е од големо значење. Според определени истражувања, речиси 61% од посетителите, не прават нарачка, ако не се сигурни во начинот на плаќање.

 

Препораки

Не постои подобар маркетинг од оној кога еден клиент ќе ве препорача на друг, потенцијален клиент. Препораките, или „testimonials“ од постоечки корисници како техника се покажува како успешна кога ќе се имплементира на веб сајт. Секогаш треба да одвоите дел од насловната страница во која ќе прикажете мислења на оние кои најдобро ве знаат. Истражувањата на Kissmetrics покажаа дека додавањето на „testimonials“ може да донесе и до 34% повеќе конверзии (нарачки) преку определен веб сајт.

klienti

 

Еволуција

Постојаната еволуција на производот, воведувањето нови техники и методи за да се подобри грижата за корисниците, и постојано следење на трендовите и нивно имплементирање се од клучен аспект за останување конкурентен во хаотичниот онлајн пазар. Постојано надополнување на содржини и понуди, како и анализирање на потребите на потрошувачите е гаранција дека ќе имате долготрајна и стабилна врска со нив, а вашиот труд ќе се исплати и кон привлекување на нови корисници. Тоа значи и опстојување на пазарот на долг рок.