Конечно до .mk домен за само неколку минути

Управниот одбор на МАРнет донесе нов правилник кој за првпат во историјата на .mk доменот овозможува на корисниците онлајн (online), без потреба од дополнителни документации и папирологии да регистрираат домен на нивно име. Најголемата новост за крајните корисници е тоа што од сега ќе може многу лесно (online) да се изврши регистрација на .mk домен и истиот да биде активен за само неколку минути. Со новиот правилник е овозможено и јавно и меѓусебно продавање на .mk домените. Сепак, треба да се внимава на правилното и точното внесување на податоците за регистрантот при онлајн  (online) регистрацијата.

Новиот правилник стапува во сила од 10.06.2014.

600x315-za-mk-novo

Паралела на процесите за регистрација, пред и по новиот правилник

Како беше до сега?

2014-та е година на либерализација и олеснување на процесите за регистрација на .mk домените. Пред само неколку месеци беше активирана либерализацијата на .mk доменот, со што МАРнет овозможи да има официјални регистрари (наспроти тоа што беше само во МАРнет) кои имаат лиценца да регистрираат домени за крајните корисници. Предноста за корисникот со оваа либерализација е тоа што има избор од повеќе регистрари. Доколку не е задоволен, корисникот може во секое време да го смени регистрарот за својот домен.

Сепак и покрај либерализацијата на доменот и овозможување на повеќе регистрари, не се среди најголемиот проблем кој го имаа корисниците – да можат без документи, онлајн да си регистрираат домен. Тие мораа да пополнат барање за регистрација со нивни податаоци, кое потоа мораше да се потпише и достави до регистрарот кој требаше да го верифицира и одобри. Многу корисници не го сакаа овој процес и си нарачуваа интернационални домени, сè со цел заштеда на време и избегнување на оваа документација и папирологија која беше задолжителна.

Како е сега процесот на регистрација?

Сега процесот на регистрација е многу едноставен и лесен:

  1. Корисникот врши проверка дали саканиот домен е слободен.
  2. Доколку доменот е слободен, се прави нарачка преку онлајн форма на сајтот на регистрарот, при што корисникот ги внесува своите податоци (регистрант информации, ДНС сервери и административни и технички контакти).
  3. По уплатата на доменот со кредитна картичка онлајн, истиот може да биде активиран автоматски за само неколку минути на име на корисникот кој направил нарачка.

При овој процес се избегнуваат дополнителните чекори за пополнување на барање, потпишување, доставување и верифицирање на истото. Сега процесот е многу поедноставен и корисниците можат да регистрираат домен од удобноста на својот дом.

Ако имате идеја за одреден домен, повелете и регистрирајте си го веднаш за само неколку минути преку автоматизираниот систем на МКхост.

Кои се останатите новости?

Овозможена е продажба на .mk домените

Отсега ќе може да се врши и продажба на веќе регистриран .mk домен. Доколку имате регистрирано некој домен и мислите дека може да го продадете на друг, сè со цел тој да креира одреден сервис или едноставно да се смени сопственикот, ова ќе биде легално и ќе може да се направи без проблем. Секако, самиот продавач и купувач се договараат за цената.

Тргнат лимитот од 30 домени за регистрарите

Со претходниот правилник, регистрарите имаа лимит да регистрираат најмногу 30 домени на нивно име. Ова повеќе не важи и секој официјален регистрар ќе може да регистрира неограничен број на домени на негово име.

Странски физички и правни лица исто така ќе можат да регистрираат домени онлајн

Отворен е и пазарот за регистрација на македонски домени и за странски лица и компании. Ова е интересно за странските компании кои имаат свои брендови во Македонија, за полесно и брзо да си го закупат своето име и во .mk просторот. Ограничувања за странските корисници нема – важат истите правила од правилникот.

Како ќе се префрла сопственоста?

Доколку сакате да извршите промена на регистрантот поради било која причина, ќе треба да пополните писмено барање со кое ќе се верифицира вашиот идентитет како физичко или правно лице. Затоа напоменав при регистрација на нов домен, потребно е да се внесуваат правилни и точни податоци, затоа што кога ќе сакате да ја промените сопственоста на доменот, нема да можете ако информациите не ви се точни (регистрарот не може да ве верифицира како сопственик на доменот).

На што да се внимава при регистрација на нов домен?

При регистрација на нов домен треба да внимавате да ги вметнете точно вашите податоци како регистрант.

Зошто мора да се внесат точните податоци?

  • ако не внесете точни информации, ќе нема да можете да вршите промени за доменот во иднина за доменот (за секоја промена во податоците на регистрантот ќе мора да се достави писмено барање, со што мора да се утврди идентитетот на моменталниот регистрант);
  • ќе нема да можете да направите промена на регистрант на доменот (за промена на регистрант на домен, ќе мора да доставите писмено барање, со што мора да се утврди идентитетот на моменталниот регистрант);
  • нема да можете да го продадете доменот затоа што при продажбата, потребно е да го отстапите доменот на друг регистрант;
  • регистрарот и МАРнет ќе може да ви го избришат доменот ако се утврди дека внесените информации се неточни или невалидни.

Дополнителни информации

За пререгистрација на моменталните домени останува истиот процес

Процедурата за пререгистрација на моменталните .mk домени останува иста.

Што е процес на пререгистрација?

Процесот на пререгистрација се однесува само на домените кои се регистрирани директно во МАРнет пред 01.04.2014 . Сите овие домени мора да бидат пререгистрирани, сè со цел да изберат еден од понудените регистрари, како и технички да им се овозможи онлајн промена на ДНС сервери, промена на контакт информации и лесна и брза обнова во иднина. Секој корисник на македонски домен кој го регистрирал својот домен во МАРнет  треба да пополни барање за регистрација и истото да го достави до регистрар, сè со цел да се заврши процесот. Овој процес е задолжителен и доколку не го спроведете, доменот ќе биде избришан од базата на регистарот и истиот ќе биде слободен за повторна регистрација за секого.

Бројот на домени кој може да ги регистрира еден регистрант е неограничен

Вие како иден или моментален регистрант на македонски домени ќе можете да регистрирате онолку домени колку што сакате – нема лимит за регистрирани домени по регистрант.

Домените се регистрираат на период од една до десет години

Еден домен може да биде регистриран на најмал период од 1 година, до максимален период од 10 години. Рангот не смее да надмине никогаш над 10 години, односно еден домен во даден временски период не смее да има датум на истек подолг од 10 години од моменталната дата. Корисникот може да заштеди со регистрација на домен на подолг период и да го добие за поевтина цена. Исто така, предност е во тоа што својот домен не мора да го обновува често (секоја година).

Не регистрирајте домени на познати трговски марки

Според правилникот, регистрантот ја има целата одговорност врз доменот. Па така, доколку извршите регистрација на име на домен којшто е заштитена трговска марка, или ако со името на доменот правите повреда на интелектуална сопственост (авторско право, индустриска сопственост и сл.) ќе имате одговорност и доколку трето лице се пожали, ќе треба правно да се решава спорот, преку арбитражна постапка.

МКхост и основачот на МКхост – Иван Петрушевски секогаш се залагаа за поедноставување и автоматизирање на процесот за регистрација на македонските домени. Секогаш дававме предлози и напори до МАРнет, како и до Министерството за информатичко општество и министерот Иво Ивановски, знаејќи го проблемот на корисниците и претставувајќи ги нив пред институциите. Среќни сме што дојде и овој момент кога секој корисник ќе може онлајн, за само неколку минути да си регистрира македонски домен и да почне да креира веб сервис кој ќе нуди вредности на интернет просторот.