Начини со кои ги одвлекувате посетителите од вашиот веб сајт

На Интернет секогаш важи правилото „колку поедноставно, толку подобро“. Што мора да избегнувате, за посетителите да не ве избегнуваат вас?

Несоодветни поп-ап елементи

Сигурно и вас ве иритираат автоматските поп-ап елементи (најчесто реклами) кои се појавуваат веднаш штом пристапите на посакуваниот сајт.

Во кои случаи поп-ап може да се употреби како корисна алатка? Најдоброто и соодветно пласирање е за посетителите кои се задржале подолго време (за да се регистрираат за определена листа, или пак да им продадете нешто по промотивни цени)

Нереспонзивен дизајн

Вашиот веб сајт едноставно мора да биде прилагоден да се отвора со нормални димензии и на мобилните уреди.

Студиите во 2016-та покажаа дека 51% од возрасните посетители, пристапуваат преку нивните смартфони, наспроти 42% кои доаѓаат преку десктоп компјутер.

Google во нивните рангирања, сајтовите со респонзивни дизајни почна да ги котира повисоко отколку оние „заостанати во минатото“.

Нападни аудио и видео содржини

Посетителите не сакаат кога се чувствуваат нападнати „нагло“ со непотребни аудио содржини, како и автоматски видеа кои почнуваат со звук.

Овие елементи е најдобро да се поврзат со call to action копче, за самите посетители да ги „натерате“ да ги вклучат и да ги следат со целосно внимание.

Проблеми со брзината

47% од посетителите на Интернет, очекуваат еден веб сајт да се отвори во рок од 2 секунди, а високи 57% би го исклучиле прозорецот, доколку истиот не се конектира за 3 секунди.

Google вели дека сајтовите кои се занимаваат со е-трговија мора да се отворат максимум за 2 секунди. Самиот Google цели кон тоа нивниот сајт да се отвора за помалку од секунда.

Големи слики и видеа, add-on апликации, како и неквалитетен сервер може да предизвикаат вашиот веб сајт да се отвора со проблеми во брзината.

Недостиг на call to action копче

Call to action копчињата се корисни од повеќе аспекти. Го насочуваат посетителот кон она што е важно и за него (да го направи она што го сака) и за сопственикот на веб сајтот (да генерира повеќе конверзии), а исто така даваат и поголема прегледност на дизајнот.

Недостигот на call to action е лошо од дизајнерски аспект, а и го усложнува искуството на посетителот, кој ќе помине повеќе време на сајтот, но веројатно повеќе и никогаш нема да се врати, бидејќи нема да го пронајде она што му е потребно.

Лоша содржина (контент)

Можеби и најважниот елемент од кој дефинитивно нема бегање – вашата содржина секогаш мора да ја држите под контрола.

Со јасна визија и цел – содржината секогаш треба да го отсликува вашиот бренд. Доколку читателите не се поврзат со содржината, целиот ваш труд пропаѓа во вода.