Познатиот филаделфиски трговец и пионер во маркетингот, Џон Ванамејкер, во една прилика во минатото има изјавено: „Половина од парите што ги инвестирам на рекламирање се трошење. Проблемот е што не знам која е таа половина“.

И, навистина, до пред самиот крај на 20-тиот век, традиционалните медиуми (весниците, радиото и телевизијата) овозможуваа претежно еднонасочна комуникација со потрошувачите и многу побавна повратна врска и анализирање на ефектите од рекламирањето. Некои автори, како Џеј Конрад Левинсон со својот „Герила маркетинг“ успеаја од корен да ги променат сфаќањата за целокупната оваа индустрија.

Она што доведе до вистинска револуција во маркетингот е развојот и комерцијализацијата на Интернетот. Денес, проценките се дека веќе до 2017-та година, во 12-те најголеми пазари Интернет рекламирањето ќе ја надмине телевизијата, а на глобално ниво ќе има удел од 28%. Зошто и како успеа да се случи овој голем пресврт?

 

Историски факти во развојот на онлајн маркетингот 

 

„Предвесник“ на интернет рекламирањето е првата „спам“ порака испратена по електронска пошта на корисниците на ARPANET мрежата во САД во 1978-ма, и покрај тоа што принципот на мрежата не дозволувал рекламирање.

Првата реклама која содржела линк била купена од правничка фирма во Силиконската долина на Global Network Navigator (најстариот комерцијален веб сајт) во 1993-тата година, за веднаш во наредната 1994-та, да се појави и првиот банер на Интернет, кој бил закупен од AT&T на веб сајтот на магазинот Wired.

„Цена по клик“ (Cost per click, Pay per click) рекламирањето потекнува од 1996-тата од веб директориумот Planet Oasis, за потоа да продолжи со GoTo.com во 1998-ма (подоцна купено од Yahoo!) и да биде револуционизирано со појавата на Google AdWords во 2000-та.

Во наредните години, појавата на новите сервиси на Google, AdSense (2003) и Analytics (2005) овозможила уште поголема софистицираност во развојот на онлајн рекламирањето.

Најновите големи иновации во ова поле се донесени со популаризацијата на социјалните мрежи (особено на Facebook и Twitter) и видео сервисите како YouTube кон крајот на првата деценија од 21-виот век, а во последните години во експанзија е и рекламирањето преку мобилни уреди.

 

Персонализирани рекламни пораки и таргетирање

 

Интернет маркетингот се претвори во многу повеќе само од промоција и рекламирање. Подобро кажано, традиционалниот маркетинг микс успеа комплетно да се инфилтрира и во онлајн сферата. Денес говориме за интеграција на онлајн со офлајн маркетинг, дигитални продукти, персонализирани цени и таргетирање на потрошувачите како никогаш претходно.

Во онлајн светот, дури и застрашувачки е колку информации и преференции се знаат за индивидуалните корисници, базирани врз податоците и „историјата“ која ја оставаме зад себе. Сето ова овозоможува софистицирано таргетирање на рекламите кои ги гледаме онлајн. Навлезен си во музиката и често пребаруваш за неа? Не е ни чудо ако на „рандом“ сајтови гледаш повеќе реклами за концерти или албуми преку AdSense, или пак на Facebook, од што ти е потребно. Си посетил сајт за споредба на хотели, но немаш извршено никаква резервација? Преку „ремаркетингот“, реклами од овој сајт ќе те „следат“ насекаде, додека не те убедат дека треба да извршиш резервација токму овде.

Интернет маркетинг

 

Како да се биде ефикасен?

 

Денес вистинските маркетари точно знаат каде и како ги инвестираат нивните средства за рекламирање, и воопшто за маркетинг. Потребно е постојано истражување и следење на трендовите и преференците на постојаните и потенцијални потрошувачи. Онлајн рекламирањето може да биде многу исплатливо ако е искористено како што треба, но и да „изгори“ ако некои работи не се проценат добро.

Затоа изреката „не знам каде оди непотребната половина од парите за рекламирање“ во денешното време, повеќе не важи.

НАУЧИ ДА НАПРАВИШ СОПСТВЕН ВЕБ САЈТ!

Добиј пристап до бесплатен серијал од видео туторијали за WordPress во неколку чекори на македонски јазик.

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn