Што е важно за интернет маркетингот во 2019-та?

Интернет маркетингот продолжува да се менува секоја година. Неговиот раст станува сѐ поголем, трендовите се менуваат брзо… Се чини дека постојано се случува и појавува нешто ново во ова поле.

Но што е она на што треба да се фокусираш во претстојната 2019-та? Ова е нашиот топ 5 избор за годинава.

Твојот веб сајт е важно место

Често се поставува прашањето дали за еден бизнис е важно поседувањето на сопствен веб сајт во ерата на социјални мрежи. Одговорот е секогаш „да“, од причина што контролирањето на својот сопствен простор е поважно од било кога.

Секако дека социјалните мрежи помагаат во распространувањето на твојот бизнис, како и содржините што се пласирани преку твојот сајт. Меѓутоа, мора да се внимава на алгоритмите кои постојано се менуваат од страна на социјалните мрежи, и кои може драстично да влијаат на досегот до публиката.

Презентацијата на твојот продукт токму како што ти го замислуваш е исто така една од поволностите кога имаш сопствен веб сајт, без никакви ограничувања.

Транзиција во демографиите на социјалните мрежи

Она на што особено мора да се внимава во наредниот период е да се следи трендот на користење на социјалните мрежи од страна на корисниците.

Facebook е сѐ уште на врвот со повеќе од 2,2 милијарди корисници, меѓутоа факт е дека возраста на еден просечен корисник на Facebook станува сѐ поголема. Во САД, 41% од корисниците на Facebook имаат над 65 години!

За среќа на Facebook, оваа компанија го поседува и Instagram, кој минатата година веќе надмина 1 милијарда корисници. Она што е важно е дека од тие корисници 31% се помеѓу 18 и 24 години, а 30% помеѓу 25 и 34 години.

Оваа демографија секогаш била најпосакувана помеѓу огласувачите, бидејќи истата е најкомпетитивна за привлекување на публика за производи и брендови кои се на почетокот на своето постоење. Затоа, подемот и атрактивноста на Instagram не смее да се игнорираат.

Вештачката интелигенција и онлајн бизнисите

Со проценките дека над 2,5 милијарда корисници на интернет имаат профил на некоја од социјалните мрежи, користењето на artificial intelligence (AI) во овој сегмент станува од круцијално значење за растот на бизнисите онлајн.

Преку вештачката интелигенција, користењето на базите на податоци и нивното разбирање е уште полесно, а истото тоа може да се искористи за предвидување на однесувањето на корисниците. Во моментов, едни од најпознатите примери се Lookalike Audiences за Facebook реклами, како и Similar Audiences на Google Ads.

Употребата на AI како во изминативе, така и во наредните години ќе ја усовршува ideal buying persona за твоите онлајн потреби. Проценките се дека до 2035-тата година вештачката интелигенција ќе ја зголеми онлајн продажбата за цели 38%.

Содржина која „исчезнува“

Експеримент направен во 1957-ма година во кино во Њу Џерси, се смета за еден од пионерите во полето на сублиминалниот маркетинг и т.н. product placement. На публика од 45.699 посетители во киното, во определен момент од гледање на филмските проекции им се пуштани флеш реклами од 0.03 секунди на кои било испишано „Земи пуканки“ и „Пиј Coca-Cola“.

Психологот кој го има спроведено експериментот тврди дека отпосле во истото кино, продажбата на пуканки се има зголемено за 57,5%, а на Coca-Cola за 18,1%.

Се чини дека популарните т.н. stories кои се достапни на најголемите социјални мрежи (најпопуларни се Facebook, Instagram и Snapchat) се идеални за пласирање на кратки пораки кои ќе останат во меморијата на публиката која веќе е заинтересирана за твојот производ.

Една од најголемите причини за популарноста на овие т.н. stories е и „стравот од пропуштање“ (fear of missing out) поради нивното брзо исчезнување. Се очекува дека ваквиот канал на комуникација ќе продолжи да биде уште поинфулентен во 2019-та.

Градење доверба

Еден од најважните моменти на кој секој што поседува онлајн бизнис треба да внимава, посебно во периодот кој претстои, е градењето на долготрајна релација и доверба со своите клиенти.

Последните контроверзии кои излегоа од начинот на користење на податоците на интернет, а потоа и имплементацијата на GDPR во текот на 2018-та година, се чини дека ја подигнаа свесноста кај обичниот интернет корисник на повисоко ниво.

Тоа значи дека  твојот онлајн бизнис треба да биде настроен кон поголема транспарентност и да биде повеќе персонализирано насочен кон твоите корисници.

Кои се интернет маркетинг трендовите за 2018?

Интернет маркетинг е можеби најдинамичната гранка во маркетингот воопшто. Постојано се раѓаат нови трендови со голем потенцијал за еволуција во иднина. Се верува дека 2018 година ќе го зголеми значењето на интернет маркетинг трендовите кои ги наследи од 2017, но исто така ќе донесе и новитети кои ќе постават нови предизвици за интернет маркетерите.

Следуваат неколку од нив за кои сметаме дека ќе имаат големо значење во годината што следи.

1. Податоци. Многу податоци.

Манипулацијата и користењето на податоците кои ги нуди интернетот од секогаш биле на врвот на листата. Интересен е фактот што приближно ⅓ или 6 милиони девелопери работат на проекти поврзани со Big Data. Што би требало да сигнализира дека : Big data is getting Bigger!

Разликата е тоа што сега податоците се полесно достапни и во поголема мера. Вообичаено големите компании се тие кои располагаа со така наречената Big Data, сега достапна и за малите бизниси. Користејќи ја истата, тие можат многу полесно и пооправдано да носат одлуки во полето на интернет маркетингот.

2. Паметни спикери

Многу неочекувано, во 2017 индустријата за паметни спикери направи невиден бум. Луѓето стануваат понаклонети кон користењето на овие уреди во секојдневниот живот. Гласовното пребарување на производи, услуги, информации итн преку паметните спикери станува почеста појава, на која секако, ќе треба да се прилагодат и маркетерите доколку сакаат успешно да комуницираат со своите купувачи.

Факт е дека 20 милиони уреди со можност за гласовно управување се веќе продадени во минатата година, а се очекува до 2022 бројката да покрие 55% од домаќинствата во САД. Доволна бројка за сите маркетери да стават нов предизвик на листата за оваа година.

3. Огласување преку мобилни апликации

Иако мобилните апликации не се новитет во интернет маркетингот, се очекува во 2018 трендот на огласување преку овој канал да покаже нагорна линија. Ова се темели на статистиките дека луѓето во зголемен број користат мобилни апликации како мапи, апликации за следење на транспорт, недвижнини итн.

Очекуваме годинава поголем дел од буџетот за огласување на интернет да припадне токму на закупот на огласен простор преку мобилни апликации.

4. Native Advertising и Smart content

До 2021 се очекува повеќе од 74% од приходот остварен од огласи да припадне токму на овој тип на огласување. Имено Native Advertising се разликува од обичното банерско огласување по тоа што огласите (банери, видеа) се прилагодени на изгледот на платформата за огласување.

Па така огласите не предизвикуваат револт и одбивност кон самата платформа и огласувачот. Единствениот ,,проблем“ за маркетерите е тоа што ќе треба да прават посебни огласи за секоја платфрма со цел огласот да се вклопи најдобро што може во изгледот на платформата (оттука потекнува и називот native ads).

5. Micro-moments

Според објаснувањата на Google micro-moments се оние моменти кога луѓето го користат мобилнот уред за да се информираат, да посетат, да направат или да купат нешто.

Во 2018, оние бизниси кои ќе бидат соодветно подготвени да ги пресретнат купувачите во секој од овие моменти, ќе бележат најголем потенцијал за успех. Ваквото огласување бара длабоко демографско познавање на таргет групата како и добро подготвена стратегија за мобилно огласување.

Но, со сите достапни алатки за интернет маркетинг, подготовката за ваков тип на маркетинг се очекува да биде значително олеснета.

6. Содржина

Содржината како стратегија од секогаш имала посебно место. Но, веќе се јавува проблем на презаситеност. Секој бренд кој има веб страна, креира содржина која ја промовира по социјалните медиуми, со што веќе публиката станува презаситена од оваа борба на брендовите за видливост и присутност.

Сметаме дека 2018 ќе биде година кога маркетерите ќе се преориентираат кон оние веб страни кои веќе имаат достигнато високо ниво на видливост и авторитет во дејноста, со цел да го искористат потенцијалот на нивната публика и репутацијата.

7. Еден на еден комуникација

Интернетот е голем, но за многумина и хаотичен. Затоа, голем дел од луќето преферираат директна, персонализирирана комуникација со брендот.

Реално, ваков тип на комуникација за големи компании е невозможна, затоа како поефикасен метод се користат chatbots. Трендот на нивно користење станува се позасилен со оглед на тоа дека се поголем број купувачи преферираат директна комуникација, се очекува до крајот на 2018 овој тип на автоматизација на комуникацијата да стане ,,рутина“.

 

Ова не се единствените трендови кои се очекува да забележат посебен раст во 2018. Индустријата е прилично динамична и непредвидлива, затоа будно следете ги промените.

Како до подобар веб сајт во новата година?

Секое доаѓање на нова календарска година носи нови предизвици, цели и стратегии. Сега е вистинско време да направите определени промени за вашиот веб сајт со кои ќе го подобрите вашето учество на пазарот.

Зошто токму сега?

Иако секој ден е идеален за да се „сврти нов лист“, колку и да звучи генерички, доаѓањето на новата година е одлична можност вистински да го направите тоа.

Едноставно, календарското мерење на вашите перформанси (од 1-ви јануари до 31-ви декември) е полесно за да ја следите вашата успешност, и истата да ја споредувате со минатиот соодветен период.

 

Следете ги сите трендови кои претстојат

Следењето на маркетинг трендовите ќе направи секогаш да бидете во чекор пред другите и да стекнете конкурентска предност. Треба постојано да бидете во тек со новите иновации и технологии, за први да ги имплементирате на пазарот.

Помеѓу трендовите кои ќе доминираат во 2017-та, се наоѓаат и виртуелната реалност, лајв стриминзите, визуелизацијата на податоци, како и ниш стратегиите.

 

Промени во дизајнот на веб сајтот

Веб дизајнот постојано еволуира со новите технологии. Истиот треба да биде постојано освежуван за да биде во тек со очекувањата на вашите читатели/клиенти и да ги пресретне нивните психолошки карактеристики.

Треба да се биде внимателен од аспекти на различни демографски групи кои го посетуваат вашиот сајт, да се посвети повеќе време во правење на скелетен, односно прогресивен дизајн.

Исто така, време е да се имплементираат новите трендови кога станува збор за shopping cart-от на вашиот веб сајт, a landing page да ви биде #1 лансирачка платформа за продажба, наместо досегашниот home page.

Со вакви промени, низ веќе применети примери, статички е измерен пораст во продажбата.

 

Подобрување на квалитетот на посети

Чистата бројка на посети е сè помалку релевантен показател за успешноста на вашиот веб сајт. Тие посети треба да се претворат во т.н. квалитетни посети, односно ваши потенцијални потрошувачи кои би можело да направат конверзија/нарачка.

За таа цел, треба да направите добра анализа околу вашата целна публика и како да истата да ја претворите во потенцијален квалификуван купувач.

Тука доаѓа моментот кадешто е значајно календарското следење на перформансите. Промената на квалитетот на посети е добро да се следи од повеќе аспекти – месец спрема месец (јануари 2016 спрема јануари 2017), година спрема година и слично.

 

Сигурност на вашиот веб сајт

Сопствениците на веб сајтови сè повеќе време поминуваат во подобрување на сигурноста. Одржувањето на софтверот, постојан back up на податоците, како и користење на безбедни лозинки се „must have“ за вашите корисници да бидат сигурни дека доаѓаат на безбедно место.

SSL сертификатите се исто меѓу најважните за поседување од безбедносен аспект. Истите даваат сигурност за корисниците дека е безбедно да купуваат и да ги споделуваат нивните информации токму на вашето место.

 

Зајакнете ја бренд вредноста

Веб сајтот е продукт кој се пласира пред јавноста, истиот за да биде успешен, треба да добие определена бренд вредност. Истата се стекнува по однос на неколку параметри.

Доколку вашиот веб сајт биде препознатлив како бренд, освен зголемување на продажбата, ќе добиете и поголемо општествено влијание и долгорочно значење во јавноста.

 

Онлајн маркетинг трендови за 2017-та

Оваа година е пред самиот крај, и беше повторно одбележана од голем прогрес во рамки на Интернетот и онлајн маркетингот. Развојот на видео содржините и контент маркетингот беше помеѓу главните теми за кои сите маркетери зборуваа во текот на изминативе 12 месеци.

Е-бизнис трендови во 2016-та

Што е она што не очекува во наредната година? Експертите во ова поле сугерираат на неколку големи поместувања.

Виртуелна реалност

Подемот на Pokemon Go во текот на летните месеци ја подигна свесноста за значајноста на виртуелната реалност (augmented reality) во иднината на онлајн поврзувањето. Иако по енормниот врв кој го доживеа играта (заработувајќи по 10 милијарди долари на ден), сега фамата во најголем дел е спласната, овој експеримент би требало да влијае многу врз онлајн маркетингот во претстојната година. Ја чекаме следната ваква апликација која ќе има подолготраен потенцијал отколку Pokemon Go.

Лајв стриминг

Освен тоа што стандардниот видео маркетингот беше еден од најголемите трендови во 2016-та, во последните месеци огромен замав зема лајв стримингот. Она што се обидува Periscope, а сега и Facebook Live да го направи со приближување на светските настани поблиску до секој обичен граѓанин, е можност секој да стане репортер, известувач и пренесувач од секоја можна точка на планетата. Оваа опција почнува „на големо“ да биде користена и од големите брендови, кои најдоа уште еден начин како да го позиционираат својот продукт онлајн.

 

Визуелизација на податоци

Инфографиците, како начин на визуелно прикажување на определен сет на информации, веќе со години циркулираат како едни од најзначајните фактометри за определен бренд. Сега квантитавното и статистичко прикажување исто така зазема голем залет, и се смета дека токму визуелното прикажување на податоци (преку мапи, чартови, дијаграми и слично) ќе биде значајно за еден бренд да остане конкурентен на онлајн пазарот.

Ниш стратегии

Сегментирањето на публиката и нејзино таргетирање со специфични продукти не е ништо ново. Но, фактот што социјалните мрежи уште се развиваат и сè повеќе ги разбираат своите корисници со своето однесување, значи дека можноста за промоција и допирање токму онаму каде што е потребно, станува сè поусовршено. Затоа и можноста за развој на ниш стратегиите и позиционирање на специфични продукти ќе се развива и во иднина. Ова произлегува и од заситеноста на корисниците од рекламите за производи за масовна потрошувачка.

Како Интернетот ги диктира светските трендови?

Интернетот сè повеќе навлегува во нашите секојдневни животи, и сè повеќе го зголемува своето влијание во нашето однесување и постапки. Истиот успеа од корен да промени повеќе индустрии и начини на водење на бизниси. Каде најмногу се чувствуваат овие поместувања?

Информации и политика

Американските избори кои се одржаа во минатата недела донесоа многу интересни размислувања за влијанието кое Интернетот го има врз секојдневниот живот.

Иако традиционалните медиуми сè уште имаат големо влијание во изборниот процес (првиот телевизиски дуел имаше историски најголема гледаност од речиси 85 милиони гледачи), многумина сметаат дека токму Интернетот, и посебно социјалните мрежи, беше одлучувачки Доналд Трамп да биде избран како нов американски претседател.

Токму начинот на кој двајцата кандидати се претставуваа со својот карактер и особини пред јавноста според аналитичарите имаа голема улога. Социјалните мрежи не се само начин за пренесување информации за лице или продукт, туку начин да се даде дополнителна вредност на „брендот“ и да се направи одределен „персоналитет“, со кој корисниците ќе се поврзат.

Музичка индустрија

Популарниот Mannequin Challenge кој се распространи вирално низ социјалните мрежи, освен што покажува дека Интернетот може да ја обедини светската популација околу една заедничка идеја, во моментов ја претвора песната која се користи најчесто како дел од видеата во огромен хит. Синглот Black Beatles, на музичко дуо Rae Sremmurd, за кое до сега веројатно немавте ни слушнато, стана #1 на официјалната американска топ листа и се проценува дека ќе „владее“ низ целиот свет во наредниот период.

Интернетот во изминативе години, со својот вирален карактер успеа многу да влијае на целокупната музичка индустрија. Ерата на лансирање на традиционални синглови и албуми, е во фаза на пад.

Интернет базираните сервиси како YouTube и Spotify успеаа комплетно да го сменат начинот на кој ја слушаме музиката. Дотолку, што најголемите светски топ листи, покрај продажбата, со голем удел на ранкингот на песните ги вклучува и токму овие стримувања.

Телевизија и филм

 

Една од најголемите телевизиски корпорации во САД, CBS, која е позната по тоа што работи по „традиционални“ принципи, и се насочува кон повозрасна публика, направи невообичаен чекор годинава, со тоа што масовно почна да го имплементира нивниот стринминг сервис CBS All Access.

И телевизиската и филмската индустрија не е имуна на промените донесени од страна на Интернетот. Како Spotify што е лидер во музичката индустрија помеѓу стриминг сервисите, така и во визуелните содржини постои таков – Netflix. Повеќе од 47 милиони корисници само во САД (и над 86 милиони низ цел свет) се доволно заканувачка бројка за 118,4 милиони домаќинства кои гледаат традиционална телевизија.

Иако Netflix не ја објавува јавно бројката за гледаноста на своите серии, неколкуте истражувања кои се направени, покажале дека најгледаните нивни серии се конкурентни со бројките на најгледаните серии на традиционалните телевизиски мрежи.

Како да се успее онлајн?

Во традиционалниот бизнис свет може да се успее или со многу креативност, или со многу пари. Интернетот, и онлајн бизнисот, за среќа, е едно од местата кадешто креативноста е повеќе на „цена“.

Токму и затоа, креативната идеја е она што е најмногу на вредност во онлајн светот. Голем дел од популацијата користи компјутер и паметни телефони поврзани со Интернет, и многумина од нив сакаат да бидат во тек со нови трендови и корисни информации.

Каква идеја вие мислите дека може да му прикажете на светот? Дали сте подготвени да започнете со вашата онлајн приказна, и да влијаете врз пошироката општествена заедница?

 

Е-бизнис трендови во 2016-та

Онлајн бизнисите и маркетингот растат како никогаш досега, а за да се биде успешен, односно да се привлече вниманието на потрошувачите, да се генерира профит, и да се земе што поголем удел од пазарот, потребно е постојано да се биде во чекор со светските трендови.

Е-бизнисот ги доживува своите златни денови, но проценките се дека ќе расте уште повеќе во годините кои претстојат. Интернет продажбата и во Република Македонија го продолжува својот континуиран раст и развој. Кои се дел од новите начини за да се се стигне до клиентите?

 

Купување преку мобилни уреди

Иако се чини дека на корисниците секогаш им е полесно да истражуваат за посакуваниот производ, да споредуваат и да купуваат преку десктоп компјутер, неизбежно е дека мобилните уреди и таблети сè повеќе го заземаат нашето време поминато онлајн.

Оттука, неизбежно е оптимизирање на вашата мобилна верзија за полесно искуство на корисниците. Размислете и за инвестирање во мобилна апликација.

Content маркетинг

Банерите како форма на интернет рекламирање ја губат својата вредност, слично како што голем дел од луѓето ги одбегнуваат рекламите на телевизија. Content маркетингот, преку содржини вредни за потенцијалните потрошувачи, ја гради својата избрана таргет публика од која треба да го извлече клучниот профит.

Во денешно време, корисниците на Интернет повеќе сакаат да научат нови информации за вредни и корисни работи, отколку да гледаат класични реклами за производи. Вашиот бренд треба да ги определи клучните вредности кои ќе ја зголемат сатисфакцијата на потрошувачите, и да ги искористи за презентирање во вид на content маркетинг.

Видео маркетинг

Автоматското стартување на видео содржините на социјалната мрежа Facebook, како и новата опција за live видеа, новата опција за реклами на Instagram, како и новиот „бран“ на социјални мрежи како што се Snapchat и Periscope, даваат нова димензија на зборот „видео“ на Интернет. Подвижните слики се достапни во реално време како никогаш досега.

Сè поголем број на бизниси се одлучуваат да го привлечат вниманието на потенцијалните клиенти со таргетирани видеа, а цената за ваквиот вид на рекламирање е веројатно на најповолното ниво досега.

Онлајн шопинг денови

Сајбер понеделникот минатата година во САД постигна 3 милијарди долари во продажба, додека најголемиот онлајн шопинг ден во 2015-та година го имаше Кина со неверојатна продажба од 14,3 милијарди долари (пораст од 60% во однос на 2014-та).

Трендот на специјализирани онлајн шопинг денови во светски рамки продолжува и годинава, а истата ја покажува на дело импулсивноста на потрошувачите, кои се лимитирани во определен период да донесат одлука за купување. Во ваков стил, МКхост во март годинава направи несекојдневна еднодневна промоција.

 

Подемот на онлајн маркетингот

Познатиот филаделфиски трговец и пионер во маркетингот, Џон Ванамејкер, во една прилика во минатото има изјавено: „Половина од парите што ги инвестирам на рекламирање се трошење. Проблемот е што не знам која е таа половина“.

И, навистина, до пред самиот крај на 20-тиот век, традиционалните медиуми (весниците, радиото и телевизијата) овозможуваа претежно еднонасочна комуникација со потрошувачите и многу побавна повратна врска и анализирање на ефектите од рекламирањето. Некои автори, како Џеј Конрад Левинсон со својот „Герила маркетинг“ успеаја од корен да ги променат сфаќањата за целокупната оваа индустрија.

Она што доведе до вистинска револуција во маркетингот е развојот и комерцијализацијата на Интернетот. Денес, проценките се дека веќе до 2017-та година, во 12-те најголеми пазари Интернет рекламирањето ќе ја надмине телевизијата, а на глобално ниво ќе има удел од 28%. Зошто и како успеа да се случи овој голем пресврт?

 

Историски факти во развојот на онлајн маркетингот 

 

„Предвесник“ на интернет рекламирањето е првата „спам“ порака испратена по електронска пошта на корисниците на ARPANET мрежата во САД во 1978-ма, и покрај тоа што принципот на мрежата не дозволувал рекламирање.

Првата реклама која содржела линк била купена од правничка фирма во Силиконската долина на Global Network Navigator (најстариот комерцијален веб сајт) во 1993-тата година, за веднаш во наредната 1994-та, да се појави и првиот банер на Интернет, кој бил закупен од AT&T на веб сајтот на магазинот Wired.

„Цена по клик“ (Cost per click, Pay per click) рекламирањето потекнува од 1996-тата од веб директориумот Planet Oasis, за потоа да продолжи со GoTo.com во 1998-ма (подоцна купено од Yahoo!) и да биде револуционизирано со појавата на Google AdWords во 2000-та.

Во наредните години, појавата на новите сервиси на Google, AdSense (2003) и Analytics (2005) овозможила уште поголема софистицираност во развојот на онлајн рекламирањето.

Најновите големи иновации во ова поле се донесени со популаризацијата на социјалните мрежи (особено на Facebook и Twitter) и видео сервисите како YouTube кон крајот на првата деценија од 21-виот век, а во последните години во експанзија е и рекламирањето преку мобилни уреди.

 

Персонализирани рекламни пораки и таргетирање

 

Интернет маркетингот се претвори во многу повеќе само од промоција и рекламирање. Подобро кажано, традиционалниот маркетинг микс успеа комплетно да се инфилтрира и во онлајн сферата. Денес говориме за интеграција на онлајн со офлајн маркетинг, дигитални продукти, персонализирани цени и таргетирање на потрошувачите како никогаш претходно.

Во онлајн светот, дури и застрашувачки е колку информации и преференции се знаат за индивидуалните корисници, базирани врз податоците и „историјата“ која ја оставаме зад себе. Сето ова овозоможува софистицирано таргетирање на рекламите кои ги гледаме онлајн. Навлезен си во музиката и често пребаруваш за неа? Не е ни чудо ако на „рандом“ сајтови гледаш повеќе реклами за концерти или албуми преку AdSense, или пак на Facebook, од што ти е потребно. Си посетил сајт за споредба на хотели, но немаш извршено никаква резервација? Преку „ремаркетингот“, реклами од овој сајт ќе те „следат“ насекаде, додека не те убедат дека треба да извршиш резервација токму овде.

Интернет маркетинг

 

Како да се биде ефикасен?

 

Денес вистинските маркетари точно знаат каде и како ги инвестираат нивните средства за рекламирање, и воопшто за маркетинг. Потребно е постојано истражување и следење на трендовите и преференците на постојаните и потенцијални потрошувачи. Онлајн рекламирањето може да биде многу исплатливо ако е искористено како што треба, но и да „изгори“ ако некои работи не се проценат добро.

Затоа изреката „не знам каде оди непотребната половина од парите за рекламирање“ во денешното време, повеќе не важи.