Серијал на МКХост и Претприемач
Серијал на МКХост и Претприемач

Продолжуваме со серијалот на постови кои МКХост и Претприемач ги подготвуваат со цел еден претприемач да го зголеми своето знаење и да не биде затечен во користење на различна техничка терминологија за оваа намена.

Бегство до технологија! Сеуште е реалност кај нас. Дали може еден претприемач да опстојува без неа? Може, но кратко. Тоа би бил мојот одговор. Сепак технологијата е нешто што има постојано и најсилно влијание на секаков тип на бизнис. Таа е и дел од PEST и во тој пост накратко го наведов следново:

Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои еден бизнис го трансформира влезот во излезот. Тука најважен фактор е иновацијата или развој на нови процеси, производи или услуги. Стапката на влијание на технологијата како екстерно опкружување врз бизнисот варира од индустрија до индустрија. На пример, влијанието на технологијата на информациската индустрија е многу поголемо во однос на влијанието на било која друга индустриска гранка.

Но, да тргнеме од почеток.

Дефинирање на технологија

Тргнувајќи од самото потекло на зборот технологија кој е составен од два грчки збора:

  • Техно (τέχνη) што значи вештина, умешност, занает… и
  • Логија (λογία) што значи учење, знаење на нешто.

Значи технологијата е резултат на примена на знаењето за одредени вештини, занаети или умешности во креирање на одреден резултат.

Во Oxford Dictionary технологијата се дефинира како:

Научно истражување и користење на применети науки (како инженерство на пример) и примена на тоа знаење преку практични задачи во индустријата.

Може да се забележи дека она што е поврзано со технологијата претставува:

  • Знаење
  • Вештина
  • Умешност
  • Учење
  • Примена

Зборот технологија не се однесува само на технологија на производството, туку и на секаква технологија која се користи во деловниот процес на бизнисот како што се компјутерите, факсовите, телефоните, e-mail, интернетот итн. како и знаењето во однос на таа технологија.

Влијание на технологијата врз бизнисот

Постојат многу анализи и истражувања во науката за тоа какво влијание има технологијата врз бизнисот или еден организациски систем. Но, една од најкомплетните анализи е анализата на Woodward од која што знаеме какво влијание има технологијата на организациската структура :

  • Колку е покомплексна технологијата – единечно и континуирано производство – поголем е бројот на менаџерите и менаџерските нивоа
    Опфатот на менаџментот на менаџерите од првиот ред се зголемува од единечно до масовно производство, а потоа се намалува од масовно до континуирано производство.
  • Колку е поголема технолошката комплексност на фирмата толку е поголем канцеларискиот и административниот персонал.

Влијанието на компјутерите врз организацијата е доста проучувано. Daniel A. Wreen и Don Voich, JR велат: “Примена на компјутерите доведува до централизација во донесување на одлуки. Оваа централизација е овозможена со поголемата достапност на информациите. Освен тоа, компјутерите постепено ги елиминираат рутинските административни работи со што се намалува бројот на вработени во ова подрачје. Меѓутоа се шират одделенијата за обработка на податоци така да крајната последица не е драматично намалување на бројот на вработените. Бројот на потребните менаџери се зголемува со тоа што се намалува административниот кадар. Одделенијата веројатно ќе се спојуваат, а опфатот на менаџментот ќе се намалува особено на пониските нивоа”.

Но, да земеме еден понаков пример наместо истражување:

Еден од Вашите конкуренти ја следи технологијата која е во тренд. Нормално изработува веб страна преку која ја зголемува интерактивноста со потенцијалните потрошувачи. Се вклучува во последниот тренд на комуникација и соработка со потенцијалните потрошувачи преку социјалните мрежи како резултат на последните технолошки трендови. Во исто време, многу потенцијални потрошувачи се присутни на тие платформи. Вие започнувате со губење на дел од Вашите купувачи затоа што тие едноставно сакаат нови комуникациски канали при задоволување на сопствените потреби.

Какви последици едно вакво влијание може да има за Вашиот бизнис? Огромни, секако!

Дали треба да имам страв од технологија?

Технологијата е секаде околу нас. Со самото будење ни ѕвони будилник или дигитален часовник или мобилен. Тоа е технологија која ја користиме. Се возиме со автомобил, автобус или велосипед до работното место. И тоа технологија за нашето превозно средство. Вклучуваме машина, компјутер, шпорет за кафе… И тоа се технологии кои ги користиме. Комуницираме и соработуваме преку е-mail, факс, Skypе, Google Wave… И тоа е технологија која ја користиме за комуникација.

Од ова ми се чини дека доколку стравуваме од технологија стравуваме од самите себеси, стравуваме од ншите пријатели, стравуваме од нашите соработници, стравуваме од нашите потенцијални купувачи…

Дали во еден бизнис се дозволени вакви стравувања? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од технологијата? Дали треба да дозволиме да бидеме прегазени од конкуренцијата?

Без разлика дали ние сакаме или не, технологијата оди напред, едноставно не не прашува нас. Во секој момент на глобално ниво излегува нешто ново. Нешто што може да има влијание врз нашата работа утре. Какво ќе биде тоа влијание ќе зависи од индустријата во која се наоѓа нашиот бизниси и индустријата во која припаѓа тоа ново нешто како резултат на технологијата.

Затоа прифати ја реалноста, прифати ја технологијата и едноставно не бегај. Доколку бегаш бегаш од самиот себеси, од твоите пријатели, од твоите соработници, од твоите потенцијални купувачи… Сметаме дека тоа не е Вашата и на Вашиот бизнис цел.

НАУЧИ ДА НАПРАВИШ СОПСТВЕН ВЕБ САЈТ!

Добиј пристап до бесплатен серијал од видео туторијали за WordPress во неколку чекори на македонски јазик.

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn