Тестирај… и лансирај!

Се одлучивте на големиот чекор – сакате да лансирате сопствен веб сајт. Ги направивте сите подготовки, го средивте дизајнот, ги пополнивте содржините, и… Уште што останува пред да стартувате официјално? Секако, да тестирате дали е сè како што треба!

Целосен преглед

Генерален и целосен преглед на веб сајтот е една од клучните работи пред да отидете официјално онлајн.

Задолжителна е проверка на целата позадинска работа, (на пример, ако имате сајт за онлајн продажба, важно е да се провери дали делот за нарачки работи како што треба така што вие самите ќе извршите тест нарачки), а потоа и на содржините кои треба да ги читаат посетителите (дали правописот е како што треба, дали нешто не е надополнето до крај, и слично).

Бидејќи самите луѓе кои ја имаат направено страната, често имаат проблем сами да ги увидат недостатоците кои се провлекле, препорачливо е да повикате на помош пријатели или блиски луѓе кои ќе го направат тоа за вас, и ќе ви дадат еден вид на неутрален осврт.

Дали дизајнот е добар?

Една интересна работа е – ако на вашиот компјутер го гледате сајтот како што треба, на некој друг компјутер истиот може да изгледа тотално „промашено“.

Имајте на ум дека кога се дизајнира еден веб сајт, истиот треба да биде прилагодлив и респонзивен за различни димензии, уреди и пребарувачи. Оттука, кога веќе ќе го средите дизајнот, отворете го истиот преку колку што е можно различни извори.

Проверка на SEO

Многупати сме зборувале за значајноста на пребарувачите (Google) при посета и одлучување за нарачка на вашиот сајт. Органското пребарување е меѓу оние параметри кои имаат најголемо влијание при изборот на купувачите.

Поставување на добар search engine optimization (SEO) со користење на квалитетни клучни збороови, како и содржина која ќе ги отсликува овие клучни зборови, е од особена важност. Истите клучни зборови треба постојано да се повторуваат во URL адресите, насловите, како и текстовите на вашиот сајт.

Размислувајте како корисник

При процесот на изработка, вие веројатно ќе мислите дека имате многу квалитетен и добар сајт. Сепак – вистината е дека сето тоа е залудно, ако истиот не е кориснички ориентиран, и само „вие го разбирате“.

Како што веќе рековме, многу е тешко оној кој изработил одреден продукт, отпосле да менува работи надвор од првичната визија. Затоа, повторно се препорачува користење на помош од други личности од вашата околина, кои ќе дадат конструктивна критика за изработката, и што би можело да се промени во истата.

Кодови за тракирање

Google Analytics или Facebook Pixel се значајни кодови кои се стаават директно во HTML и кои тракираат активности со кои го гледате прогресот на вашите посети и нивното понатамошно конвертирање.

Со Google Analytics имате постојан пристап до податоци за посетите на сајтот, изворите од кои доаѓаат, како реагираат на самиот сајт, како и различни демографски парамтери за посетителите.

Facebook Pixel е одличен код кој ја поврзува активноста на вашиот сајт на најголемата социјална мрежа, како и конверзиите кои произлегуваат од таа активност.