Зошто сообраќајот е важен за хостингот?

При изборот на веб хостинг, двете најважни работи кои најчесто се компарираат се хостинг просторот, како и месечниот сообраќај (трансфер).

Познато е дека хостинг просторот е делот од серверот кој е достапен на располагање за закупениот хостинг за одреден веб сајт. На тој дел од серверот може да се складираат фајлови од типот на HTML фајлови, слики, скрипти, емаилови, и слично.

Што е веб сообраќај (bandwidth)?

Bandwidth претставува количеството на податоци (слики, текстови, и сл.) кои се трансферираат помеѓу сајтот и посетителите во зададено време. Тоа време е најчесто мерено во секунди. Искористениот веб сообраќај од страна на веб сајтот кој се хостира, правопропорционално зависи од бројот на посети.

Разликата помеѓу веб сообраќај и трансфер на податоци е во тоа што трансферот го означува самото количество на податоци. Веб сообраќајот, пак, е максимумот на податоци кој може да се пренесе во определениот период.

Едно од честите прашања при закуп на веб хостингот е – Колку месечен сообраќај е потребен?

Посетеноста е клучна

Кога некој посетител доаѓа на твојот веб сајт, компјутерот на посетителот ги симнува фајловите кои го сочинуваат истиот тој веб сајт. Симнувањето е со цел за сајтот да може да се прикаже. Големината на тој преземен фајл е всушност искористениот сообраќај.

Освен основната посетеност, сообраќајот се троши и кога се врши бекап на сајтот, како и кога се симнува фајл од серверот. Слично е и кога се праќа емаил – ако се прикачуваат слики кои треба да се испратат, трансферот е исто дел од сообраќајот.

Потребна е флексибилност

Колку сообраќај е потребен? Секако дека не може однапред да се предвидат сите потреби при функционирањето на сајтот.

Затоа, секогаш сигурен избор е да се почне од помалку. Понатаму, да се прилагодува според настанатите потреби, односно да се побара поголем хостинг пакет со поголеми ресурси.

Исто така, може и самостојно приближно да пресметаш колку сообраќај би ти бил потребен со помош на формула. Процени ја просечната големина на една страница од твојот сајт во килобајти. Помножи го тоа со месечниот број на посетители. Потоа тој резултат помножи го со просечниот број на страници од твојот веб сајт (page views) кои ги посетува еден просечен посетител.

Важна работа е да се знае и дека веб сообраќајот директно влијае врз брзината на веб сајтот.